Трамп одговори на говорот на Бајден: Нѐ води на работ на Трета свеска војна

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изнесе низа напади врз демократскиот претседател Џо Бајден чијашто победа на изборите пред две години сѐ уште ја оспорува како украдена, остро осудувајќи го неговиот говор за состојбата на нацијата, а критики дојдоа и од други републиканци.

Уште додека салата на Претставничкиот дом полека се празнеше по говорот на Бајден, на Twitter профилот на Трамп беше објавен неговиот однапред снимен одговор на состојбата на нацијата.

Трамп го обвини Бајден дека американската нација ја „води на работ од Третата светска војна“, поради неговото управување со руско-украинската војна, како и дека неговиот демократски наследник на претседателската должност е „најкорумпираниот претседател на американската историја“.

Трамп очигледно алудираше на медиумските извештаи, кои беа запрени во периодот на изборната кампања и тешко се пробиваат во водечките американски мејнстрим медиуми, во врска со преписките на синот на актуелниот претседател Хантер Бајден најдена во неговиот лаптоп, од кои се укажува дека се тргувало со политичка моќ и влијание на Џо Бајден во однос на интересите на некои големи компании, како и за улогата на Хантер во водството на украинската енергетска компанија „Burisma“ во времето кога неговиот татко беше потпретседател на САД и која беше гонета за корупција во Киев.

Во жестокиот двоминутен говор, Трамп ги опиша САД во моментов како земја под опсада од имигрантите на јужната граница, нарушена од политичката корупција на администрацијата на Бајден и погодена од инфлација најголема во последните повеќе децении.

„Неговата администрација (на Бајден) води војна против слободата на говорот. Се обидуваат да ги индоктринираат и осакатат нашите деца. Тој не води на работ на Третата светска војна. И, како врв на сето тоа, тој е најкорумпираниот претседател во американската историја“, тврдеше Трамп.

Рече дека милиони имигранти без никакви документи „поитаа преку нашата јужна граница“ и дека нарко-картелите „се грабаат милијарди долари од криумчарењето на отровот за да ги убијат нашите луѓе и нашите деца“.

„Диви убијци, силувачи и насилни криминалци се пуштаат од затворите за да го продолжат својот бран злосторства“, рече Трамп и го обвини Бајден за високата инфлација и за насочувањето на Министерството за правосудство против него.

Претседателот Бајден треба „да се олади“, коментираше подоцна Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

„Се чини дека е многу лут, вреска во микрофонот, иако се обидува да се претстави како помирувач. Можеби некој ќе му пријде, ќе го потапка по рамото и ќе ми каже ‘Олади се’“, напиша Трамп а во текот на обраќањето на Бајден објавуваше куси објави со емотикони и коментари „Премногу често изговара: пријатели“.

Трамп, исто така, го обвини Бајден дека во говорот си ги припишува заслугите за успесите постигнати во периодот на претходната негова републиканска администрација.

„Џо си ја зема заслугите за работите што ги започна и заврши администрацијата на Трамп“, напиша поранешниот претседател.

И други републикански политичари, особено поддржувачи на Трамп, беа остри во критиките за политиките на Бајден искажани во неговото обраќање за состојбата на нацијата посочувајќи осудувајќи го дека „ја води во пропаст“ американската нација.

Гувернерката на сојузната држава Арканзас, Сара Хакаби Сандерс, во име на Републиканската партија одговори на обраќањето на демократскиот американски претседател Џо Бајден во Конгресот, оценувајќи дека ја разочарал земјата.

„Бајден и демократите не успеаја. Вие го знаете тоа и тие го знаат тоа. Време е за промени“, изјави Сандерс во телевизиско обраќање.

Истакна дека Бајден, кој е најстариот претседател во историјата на САД, всушност „им го предаде“ водењето на земјата на оние „кои дури не можат да кажат кој е жена“. „Во Вашингтон администрацијата на Бајден прави двоен облог на лудоста“, додаде Сандерс.

„Во Америка на радикалните ‘леви’, Вашингтон ве оданочува и ги гори вашите тешко заработени пари“, рече гувернерката на Арканзас и во продолжение оцени дека „линијата на вододелницата во Америка повеќе не се протега меѓу левата и десната страна“.

„Изборот е меѓу нормалното и лудилото“, рече Сандерс.