Трамп порача дека САД ќе умеат да го решат „божикниот подарок“ од Пјонгјанг

Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли во вторникот предупредувањето од Северна Кореја дека ќе му испрати „божикен подарок“, порачувајќи дека САД ќе умеат тоа да го решат.

„Ќе дознаеме какво е тоа изненадување и ќе го решиме многу успешно. Можеби тоа е убав подарок. Можеби ќе ми испрати убава вазна, а не тестирање проектил“, изјави Трамп шегувајќи се пред новинарите во своето одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида.

Северна Кореја неодамна најави „Божикен подарок“, доколку САД до крајот на годинава не го променат пристапот и доколку продолжи статус-кво ситуацијата во преговорите. Последните неколку месеци официјален Пјонгјанг сѐ почесто потсетува дека кон крајот на годината истекува рокот за одговор од САД за давање нови предлози за решавање на ситуацијата на Корејскиот полуостров. Според тамошното министерство за надворешни работи, Пјонгјанг веќе доволно направил на средбите со Американците.

По низата лансирања на проектили со кус и среден дострел последните месеци, Пјогнјанг на 8-ми декември објави дека извел таен и „многу важен тест“ во својата база за лансирање сателити кој би требало да ја измени „стратешката позиција“ на оваа изолирана земја во источна Азија. Пјонгјанг притоа повтори дека „исклучиво од САД зависи какво божикен подарок ќе изберат“.

Американските воени команданти сметаат дека Северна Кореја би можела да тестира интерконтинентален балистички или проектил со долг дострел, што го нема сторено уште од ноември 2017 година. Тогаш беше тестиран интерконтиненталниот проектил „Hwasong-15 ICBM“, кој може да достигне цели на територијата на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун од 2018 година се сретнаа трипати, но позначителен напредок во промена на позициите на двете земји не беше постигнат. Пјонгјанг бара укинување на поголемиот дел од меѓународните санкции, а САД очекуваат од Северна Кореја прво да го предаде својот нуклеарен арсенал кој таа го смета за средство за одвраќање на евентуална американска инвазија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.