Трамп потврди, САД повлекуваат 9.500 војници од Германија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во понеделникот дека САД ќе го намалат бројот на американските трупи распоредени во Германија на 25.000 војници, што претставува намалување за околу 9.500 војници.

САД во моментов во Германија имаат распоредени 34.500 војници, што е значително помалку отколку во текот на блоковската идеолошка Студена војна, кога тогаш поделената на капиталистичка и комунистичка Германија беше во центарот на американските и напорите на НАТО да обесхрабрува инвазија од Советскиот сојуз. Последните децении во Германија се стационирани клучните американски воени објекти и арсенали во Европа, и земјата е транзитна точка за трупите распоредувани на Блискиот исток. Но границата на источното крило на НАТО се измести поблиску до границите на Русија, и се чини дека последната деценија новите членки на западната алијанса поранешни членки на Варшавскиот договор имаат поголемо значење во доктрината на Вашингтон.

Обраќајќи им се на новинарите, американскиот претседател Доналд Трамп повтори дека Германија не троши доволно пари за својата одбрана, како што тоа го бара НАТО уште од самитот на кој учествуваше неговиот демократски претходник Барак Обама, нарекувајќи ја долгогодишната сојузничка „деликвент“. Имено, Германија како една од најголемите според обемот светски економии, не ја постигна целата која ја поставија членките на Алијансата на самитот во 2014 година, за потрошувачка од најмалку 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП) за одбраната до 2024 година.

Американскиот претседател, исто така, подолго ја обвинува Германија дека е „заложник“ на Москва поради потпирањето на руските енергенси, особено со изградбата на новиот гасовод Северен тек 2, повикувајќи го Берлин да ги запре работите на овој гасовод, додека САД плаќаат за безбедноста на земјата.

Трамп во понеделникот истакна дека неговата одлука за повлекувањето на трупите претставува казна за Германија, бидејќи присуството на војниците ја поттикнува економијата. Меѓу другото, и поради тоа Полска пред две седмици по првите најави за повлекувањето на војниците отворено ја понуди својата територија за стационирање на споменатите 9.500 американски војници, иако Варшава за тоа преговара веќе со неколку администрации во Вашингтон и постојано постепено го зголемува американскот контингент во Полска.

„Тоа се добро платени војници. Тие живеат во Германија и во таа земја трошат огромни суми пари. Опкружувањето на тие бази е многу напредно. Значи, Германија зема а згора на тоа во трговијата со нас се однесува многу лошо“, изјави Трамп алудирјаќи на споровите на неговата администрација со ЕУ околу царините и повластените стапки.

Изјавата на Трамп е првата официјална потврда за намалувањето на бројот на војниците во Германија, можност со која се шпекулираше и минатата година, а за која на 5-ти јуни годинава извести The Wall Street Journal, а подоцна за Reuters ја потврди анонимен висок американски функционер.

Објавата на плановите на Трамп од Германија чиишто сили последните години се наоѓаат во незавидна состојба иако земјата е важен извозник на вооружување и воена опрема, предизвика остри реакци на германските челници и загриженоста во американскиот Конгрес од противници на републиканскиот претседател, дури и кај негови сопартијци, дека САД се повлекуваат од светската сцена.

Впрочем и самиот Трамп навести такво нешто во саботата во текот на обраќањето пред кадетите на славната американска воена академија Вест Поинт, кога порача дека нивната задача ќе биде „одбраната на виталните интереси на Америка“, а не учествувањето во „беконечните војни во далечни земји“ и оти САД ќе престанат да бидат „светски полицаец“.

Германската амбадасорка во САД, Емили Хабер, изјави во понеделникот дека американските трупи не биле распоредени во нејзината земја за да ја бранат, туку да ја бранат трансатлантската безбедност, додавајќи дека претходната седмица Берлин бил известен за планот за намалување на трупите.

За оваа одлука, која не е надвор од овластувањата на шефот на државата, не било разговарана однапред со Германија или со другите членки на НАТО, а ниту американскиот Конгрес не бил службено известен, поради што се побунија 22 републиканци членови на Комитетот за вооружени сили во Претставничкиот дом на Конгресот, оценувајќи дека намалувањето на бројот на американски војници во Германија „ќе ѝ наштети на националната безбедност (на САД) и ќе ја охрабри руската агресија“.

„Заканата која ја претставува Русија не се намалила и веруваме деак знаците на слабеење на посветонаста на САД во НАТО ќе ја подигна руската агресија“, напишаа споменатите пратеници.

Сенаторот Џек Рид од Демократската партија кој е делегиран во Комитетот за вооружени сили на Сенатот, го критикуваше потегот на Трамп како „уште една услуга“ за рускиот претседател Владимир Путин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.