Претседателот на САД Доналд Трамп повеќе не претставува ризик за пренесување на ковид-19, тврди неговиот лекар Шон Конли.
Вчера бил направен тест текст кој покажал дека „Трамп повеќе не е ризик да го пренесе вирусот на други“, рекол Конли во писмената изјава која, како што пишува „Ројтерс“ е објавена седум часа откако американскиот претседател го одржа првиот јавен говор по заразувањето со коронавирусот.
Во дописот што беше објавен се наведува дека Трамп ги исполнил критериумите за прекин на изолацијата поставени од американскиот Центар за контрола и превенција на болести, но нема појаснување дали претседателот добил и резултат дека повеќе не е заразен.
Трамп со ова, како што пишуваат американските медиуми, може да ѝ се врати на изборната кампања во која противкандидат му е Џо Бајден. Од изборниот штаб на Бајден, исто така, објавија дека и тој е негативен на тестот направен вчера.
Двајцата претенденти за претседател на САД на 15 октомври требаше да го одржат вториот предизборен дуел, но бидејќи Трамп се зарази телевизиското соочување беше одложено. Тоа значи дека третата дебата во Нешвил, што треба да се одржи на 22 октомври, најверојатно ќе биде последно соочување на двајцата кандидати.
Првото соочување тие имаа на 29 септември.