Трамп предложи средба со Ким викендов, за Пјонгјанг предлогот е ‘многу интересен’

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во саботата на маргините од самитот на Г20 во јапонска Осака, дека би сакал да се сретне со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун уште овој викенд во демилитаризираната зона меѓу Северна и Јужна Кореја, а Пјонгјанг објави дека предлогот на американскиот лидер за средба со нивниот водач го смета за „многу интересен“ и дека ќе биде „значајно“, доколку средбата се оствари.

Во текот на саботата, по завршувањето на самитот во Осака, американскиот претседател Доналд Трамп, треба да отпатува во посета на Јужна Кореја.

„Ова го сметаме за многу интересен предлог, но не примивме официјален предлог во врска со тоа. Мојот став е, доколку се одржи состанок меѓу ДНРК и САД на линијата на раздвојувањето, како што има намера претседателот Трамп, тоа ќе претставува уште една важна можност во натамошното продлабочување на личните односи меѓу двајцата челници и унапредување на меѓусебните односи“, се истакнува во изјавата на заменичката на севернокорејскиот министер за надворешни работи Чое Сон-хуи цитирана од службената новинска агенција KCNA.

Оваа изјава беше објавена неколку часа откако Трамп во Јапонија пред новинарите изрази надеж за можна средба со Ким на границата на раздвоениот Корејски полоустров, забележува Reuters.

„Додека сум таму, доколку претседателот Ким ова го види, би се состанол со него на границата на Демилитаризираната зона само да се ракувам со него и да го поздравам“, напиша Трамп на Twitter коментирајќи го своето патувње во Јужна Кореја.

Засега нема шпекулации за тоа дали ќе се одржи средбата на двајцата лидери, но Трамп пред заминувањето од Вашинтон негираше дека планира да се сретне со Ким.

Нивниот втор самит се одржа во февруари годинава во виетнамската престолнина Ханој, а средбата заврши без никаков договор, бидејќи не можеа да се согласат во поглед на чекорите за денуклеаризацијата кои ќе ги преземе Пјонгјанг и соодветните мерки на Вашингтон, во прв ред ублажување на санкциите. Оттогаш, преговорите за денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров се во застој.