Трамп пристигна во ненајавена посета на Авганистан, вели дека талибаните сакаат мир со САД

Американскиот претседател Доналд Трамп пристигнал во четвртокот во ненајавена посета на Авганистан, и откако се сретнал со претседателот Ашраф Гани, истакнал дека радикалното исламистичко движење Талибан сакаат да склучат мировен договор со САД.

Трамп ненадејно слетал во воздухопловната база Баграм, главниот центар за американските воздушни операции во близина на авганистанската престолнина Кабул, откако ноќта без најава тајно ја напуштил Флорида каде што со семејството на својот приватен имот го одбележа Денот на благодарноста.

Како што пренесува Reuters, Трамп во текот на ненадејната посета на Авганистан се сретнал и со американските трупи стационирани во Баграм.

Трамп одамна најави дека сака да ги повлече американските трупи од Авганистан и таму во четвртокот рекол дека се започнати мировните преговори и оти се надева на прекин на огнот. Американскиот челник изјавил дека претставниците на талибанското движење сакале да склучат мировен договор со Вашингтон.

„Талибаните сакаат да склучат договор, и ние ќе се сретнеме со нив. Ќе видиме дали ќе го склучат. И ние сакаме и велиме дека мора да има прекин на огнот. Тие не сакаа примирје, но сега сакаат прекин на огнот. Верувам дека веројатно ќе се успее“, ја цитира кусата изјава на Трамп на средбата со својот домаќин Ашраф Гани. Според американскиот претседател, САД значително ќе го намалат својот контингент во Авганистан, се додава.

Според Трамп, САД значително ќе ја намалат бројноста на својот контингент на територијата на Авганистан на 8.600 војници.

„Ќе останеме сѐ додека не биде постигнат договор или не биде освоена целосна победа. Се среќававме со нив (талибаните). Порано тие не сакаа примирје, но сега го сакаат тоа. Направивме значителен напредок во последните шест месеци и истовремено ги повлекуваме своите трупи“, истакнал Трамп.

Минатата седмица американскиот претседател во текот на телефонскиот разговор го поканил авганистанскиот колега по должност да го посети Вашингтон. Притоа двајцата челници разговарале и за планот во седум точки за постигнување траен мир со талибаните.

Предложениот мировен договор на почетокот од август предвудуваше повлекување на илјадници американски трупи од Авганистан во замена за ветување од Талибанците дека ќе се откажат од Ал Каеда. Според американските медиуми, воените трупи на САД ќе се намалат од 14.000 на осум до девет илјади војници. Според договорот, исто така, се бараат директни преговори со владата во Кабул, кои милитантите ги нарекуваат „режимски марионети“. Со договорот драстично ќе се намали и бројот на персоналот во американската амбасада во Кабул и бројот на безбедносните лица.

Меѓутоа, американско-талибанските преговори кои минаа осум круга во катарската престолнина Доха, на почетокот од септември беа прекинати по одлуката на Доналд Трамп да ги прекине. Прекинот дојде откако тајните одвоени средби со талибанските лидери и авганистанскиот претседател Ашраф Гани кои требаше да се одржат во базата „Кемп Дејвид“, беа откажани. Како причина за тоа, Трамп го наведе признанието на талибаните дека стојат зад нападот во Кабул во кој е убиен еден амаерикански војник, покрај уште 11 други лица.