Трамп притиска властите на САД да ги отворат училиштата наесен, смета и на изборите

Претседателот Доналд Трамп почна сеопфатна кампања на притисок врз властите на сојузните држави на САД и локалните функционери за повторно да ги отворат училиштата на есен, тврдејќи дека некои од нив ги држат училиштата затворени не поради ризикот од коронавирусот, туку од политички причини.

„Тие мислат дека тоа политички ќе им користи, па ги држат училиштата затворени“, кажа Трамп на состанок во Белата куќа за плановите за училиштата. „Тоа нема да им помине, и тоа како ќе извршиме притисок врз гувернерите (на сојузните држави) и сите останати да ги отворат училиштата“, кажа тој.

На состанокот во Белата куќа беа и здравствени експерти и раководители на образованието од целата земја кои тврдеа дека училиштата и факултетите се спремни за отворање на есен и дека тоа ќе биде безбедно.

Тврдат дека ризикот од задржувањето на учениците дома е далеку поголем од тој од коронавирусот, како и дека на учениците им се потребни школските оброци и здравствените услуги и советувањето на школските психолози.

„Сакаме училиштата повторно да се отворат“, кажа Трамп. Сите тоа го сакаат. Мајките го сакаат, татковците го сакаат, децата го сакаат. Време е тоа да се направи“.

Но таа перспектива надвор од Белата куќа беше дочекана со скептицизам. Претседателката на најголемиот синдикат за образование кажа дека Трамп е повеќе заинтересиран за собирање поени пред ноемвриските претседателски избори, отколку за доброто на учениците.

„Трамп веќе покажа дека е неспособен да сфати дека луѓето умираат, дека над 130.000 Американци веќе умреа“, кажа Лили Ескелсен Гарсија, претседателка на Националното здружение за образование.

„Наставниците најмногу сакаат заедно со своите ученици да се вратат во училниците и на факултетите, но мора тоа да го направиме така да учениците, наставниците и општествената заедница да бидат безбедни“, истакна таа.

На состанокот во Белата куќа Трамп го повтори своето тврдење дека демократите од политички, а не од здравствени причини сакаат училиштата да останат затворени.

Трамп не даде докази за тврдењето кое здравствените експерти го критикуваа и кажаа дека политизирањето на тој проблем ќе го отежни повторното отворање на училиштата.

Џенифер Нуко, од универзитетот Џонс Хопкинс, кажа дека „кога од тоа се прави политика и само се обидува да се постигне поен и да се биде избран, се прави контрауслуга на образованието која е исклучително важна“, и таквото водење политика „вистински го одвраќа вниманието од она што е неопходно, а тоа се реални решенија и план како тоа да се направи“.

Центарот за сузбивање и спречување на болестите (ЦДЦ) испраќа мешани сигнали за тоа прашање, кажувајќи од една страна дека учениците треба да се вратат во училниците, но од друга дека „наставата од далечина“ носи најмал ризик од ширење на ковид-19. Зборувајќи на состанокот на Трамп, меѓутоа, директорот на ЦДЦ недвосмислено кажа дека е подобро учениците да се во училиште отколку дома.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.