Трамп привремено ќе ги замени митинзите со телеконференции со приврзаниците

Американскиот претседател Доналд Трамп има намера наместо масовните митинзи во кампањата и директни средби со приврзаниците да комуницира со нив преку телеконференциски врски до стивнувањето на епидемијата на коронавирусот, пренесува во саботата телевизијата CNN.

„Сѐ додека тоа не биде решено, нам ќе ни биде тешко да одржуваме такви масовни собири“, ја цитира телевизијата CNN изјавата на претседателот Трамп дадена во текот на неговата телеконференција со приврзаниците од сојузната држава Винсконсин.

„Ќе ги одржувам собирите по телефонски пат, кои ќе ги нарекуваме ‘Собири на Трамп’ и кои ќе им овозможат на многу луѓе да се поврзат преку телефонските линии.“, додал Трамп,

Се пожалил дека директните собири „лице в лице“ неизбежно ќе мора да се соорбазат со санитарно-епидемиолошките мерки на претпазливост поради сѐ поголемото ширење на коронавирусот во САД.

Трамп, кој е познат по својата приврзаност на личните стредби со избирачите, во екот на епидемијата на коронавирусот стана цел на критики, бидејќи на ваквите настани тешко се одржуваше препорачаната оддалеченост, а речиси никој од неговите поддржувачи не носеше заштитна маска. Неговите политички противници обвинуваа дека Трамп е лош пример за сонародниците поради изразениот сомнеж дека сите жители на САД мора да носат маски.

Во услови на засилување на епидемијата, Трамп подолго време не одрживаше собири. Првиот таков говор пред приврзаниците по подолго време го имаше во Тулса, во државата Оклахома, на 20-ти јуни. Како што тогаш пренесуваа медиумите, пред митингот во Тулса, кампањата на Трамп истакна дека посетителите самите треба да одлучат дали да носат или не заштитни маски, а многумина од неговите приврзаници избраа да не носат.

Претходно деновиве беше објавено дека Републиканската партија на Трамп одлучила поради разгорувањето на епидемијата на коронавирусот да го ограничи бројот на учесниците на конвенцијата во Џексонвил, на Флорида, каде што Трамп формално ќе даде согласност за истакнување на неговата претседателска кандидатура.

Неговиот противкандидат од Демократската партија, поранешниот потпретседател Џо Бајден, долго време воопшто не се појавуваше во јавноста по избувнувањето на епидемијата, што републиканците го искористија да побараат да се провери неговата когнитивна способност. Бајден првпат се сретна со новинарите на 30-ти јуни, а уште претходно најави дека се откажува од одржување на предизборните митинзи.