Трамп призна дека зема хидроксихлорокин како заштита од вирусот

Американскиот претседател Доналд Трамп потврди во понеделникот дека зема хидроксихлорокин, лек за маларија, и покрај предупредувањата околу неговото користење, како превентива против заразата со коронавирусот.

„Го земам веќе седмица и половина. Едно апче дневно“, изјави Трамп за новинарите во текот на средбата во Белата куќа со претставниците на ресторатерскиот сектор и угостителската индустрија на којашто разговараше за економските последици од пандемијата на коронавирусот.

Пред неколку седмици американскиот претседател кажа дека хидроксихлорокинот е можен лек за коронавирусот, кога такви размислувања постоеја и во Европа, но подоцнежните истражувања покажаа дека тој не помага во лекувањето на Covid-19.

Седумдесет и тригодишниот Трамп, кој дневно се тестира на коронавирусот, додаде дека ги прашал лекарот на Белата куќа дали е добро да го зема тој лек, а овој му одговорил „Ако сакате“.

Неговото признание следеше веднаш по објавата на американската лабораторија „Moderna Inc“ дека остварила напредок во изработката на можна вакцина за новиот коронавирус. Единствениот препарат кој засега се смета за потенцијален лек за заразата е „ремдесивир“, кој е резервиран само за хоспитализираните пациенти.

Веднаш по признанието на Трамп, телевизиската мрежа Fox News го интервјуираше докторот Роберт Џорџ Лехита, интернист и ревматолог, кој ги предупреди граѓаните да не земаа хидорксихлорокин“. „Немаме утврдено никаков ефект“, рече.

И Управата за храна и лекови (FDA) претходно издаде предупредување за користењето на овој лек, во коешто се наведува дека постојат извештаи кои укажуваат на појава на сериозни проблеми во срцевиот ритам кај пациентите со Covid-19, кои биле третирани со хидроксихлорокин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.