Трамп признава дека сакал да ја минимизира опасноста од коронавирусот

Американскиот претседател Доналд Трамп отворено рекол дека можеби се обидел да ја залажа јавноста и да ја минимизира заканата од Covid-19 признавајќи истовремено дека коронавирусот е опасен, се наведува во новата книга на новинарот Боб Вудворд каде се објавени разговори и интервју со републиканецот, но главниот инфектолог Ентони Фаучи вели дека претседателот не ги „искривувал“ информациите за опасноста од новиот коронавирус.

Осум седмици пред претседателските избори на 3-ти ноември, објавувањето на делови од книгата која ја уредил прочуениот новинар кој своевремено ја откри една од најголемата афери во американската политика „Вотергејт“, поттикна остра реакција на демократскиот кандидат Џо Бајден кој вели дека тоа било „предавство на американскиот народ“.

Вудворд објави некои делови од својата претстојна книга „Rage“ (Бес/ Гнев) која ќе се појави на 15-ти септември а се базира на 18 разговори меѓу декември 2019 и јули 2020 година, снимени со дозвола од Доналд Трамп.

Од нив произлегува дека Трамп открил во разговорите дека знаел за реалната опасност од Covid-19 многу пред податоците да ѝ бидат откриени на американската јавност.

„Секогаш сакав да ја намалам (опасноста – з.р.)“, рекол Трамп во разговорот со Вудвард на 19-ти март. „И сега сакам да ја минимизирам, бидејќи не сакам да кревам паника“, додал претседателот. Неколку седмици порадно, на 7-ми февруари, на истиот новинар Трамп му рекол дека Covid-19 е „убиствена работа“ и оти веројатно е пет пати посмртоносен од грипот.

На прес конференција во средата во Белата куќа на која Трамп најави нови дополнителнувања на својата листа потенцијални кандидати на Врховниот суд, американскиот претседател беше прашан дали навистина ја мамел јавноста, како што произлегува од книгата на Вудворд.

„За да се намали паниката, можеби е така. Не сакам да создавам паника“, рече Трамп и додаде дека „не сакал да излетува со крикови и врескања“ за претстојната опасност.

„Секако, оваа земја, или светот, не сакам да ги доведам до лудило. Моравме да покажеме смиреност. Последното што можеме да го покажеме е паника или вознемиреност или страв… Моравме да се погрижиме за ситуацијата во којашто се најдовме“, заклучи Трамп.

Во врска со оваа тема за телевизиската мрежа Fox News, главниот американски инфектолог Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергиски и заразни болести, вели дека Доналд Трамп во своите јавни настапи не ги искривувал иформациите за опасноста од вирусот.

Фаучи, кој е дел од работната група на Белата куќа за борба со коронавирусот, беше прашан дали смета дека Трамп ја минумизирал опасноста од вирусот.

„Не. Воопшто не ми се чинеше дека искривува нешто“, одговори инфектологот.

„Во нашите разговори со него, секогаш отворено беа дискутирани прашањата кои нѐ интересираа. И во текот на неговите јавни настапи, самиот слушав како зборува за истите работи. Не се сеќавам дека во говорите во јавноста претседателот зборуваше за нешто за што не сме дискутирале во нашите разговори“, додаде Фаучи.

Поради управувањето со пандемијата на коронавирусот, која во САД однесе над 189.000 човечки животи со над 6,5 милиони заразени, претседателот Доналд Трамп се најде под остри критики на своите противници, но и некои експерти. Го обвинуваат дека испраќал контроверзни и нејасни пораки, но и дека не покажал сочувство поради последиците од вирусот. Во низа анкети повеќето Американци ги критикуваат неговите постапки по ова прашање.