Трамп разгледува нови царини на автомобилите по реструктуирањето на GM

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во средата дека се проучуваат нови царини на увозот на автомобили кои би можеле да спречат укинување на работните места, како и затворање на фабриките за автомобили коишто ги најави компанијата „General Motors“ (GM) претходно седмицава.

Со својот вообичаен начин на обраќање до јавноста преку сервисот за микроблогирање Twitter, американскиот претседател Доналд Трамп потсети дека со воведувањето на царините од 25 отсто за увозните камиони и комбија од пазарите надвор од Северна Америка во текот на 1960-те години, долго се зголемувало производството на американските товарни возила.

„Доколку го сториме истото и сега со автомобилите, се’ повеќе ќе се произведуваат тука…. General Motors не би требало да ги затвори своите фабрики во сојузните држави Охајо, Мичиген и Мериленд“, напиша Трамп.

САД претходно воведоа царини од 2,5 отсто на увозот на автомобили и спортски возила од пазарите надвор од Северна Америка и Јужна Кореја.

Од GM не одговорија на коментарот на Трамп, но повторија дека донеле одлука во врска со своите инвестирања во САД. Во понеделникот компанијата соопшти дека ќе затвори пет свои фабрики во регионот на Севера Америка, ќе престане со производство на шест лошо продавани патнички автомобили, како и оти ќе укине до 15.000 работни места. Компанијата нема намера да го префрли производството на овие возила на други пазари.

Администрацијата, пак, разгледува наметување драматично големи нови царини на увозните возила. „Претседателот има големи овластувања по овие прашања, поради случајотсо General Motors тоа сега се проучува“, додава Тамп.