Трамп размислува за олеснување на мерките во некои американски држави

. (AP Photo/Alex Brandon)

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не ја отфрла можноста за олеснување на рестриктивните мерки во некои држави на крајот на април.

Трамп ја даде изјавата со намера да истакне дека тој е апсолутен авторитет кој одлучува за воведување и укинување на вонредните мерки, коментираат американските медиуми.

На забелешката и предупредувањето на гувернери од двете најголеми политички партии дека Трамп „демонстрира моќ“, американскиот претседател нагло го смени дискурсот и рече дека им препушта на гувернерите да одлучат кога е вистинско време да ги укинат рестриктивните мерки во нивните држави, но истакна дека претходно ќе мора да зборуваат со него лично на оваа тема.

– Гувернерите сносат одговорност, но тие и тоа како ќе го почитуваат мислењето на претседателот, рече Трамп.

Гувернерите на американските држави, и републиканци и демократи, предупредија на евентуална узурпација на власта кога Трамп во понеделникот рече дека само тој ќе донесе одлука дали и кога ќе се олеснат рестриктивните мерки.

Тие истакнаа дека со Уставот јасно се дефинираат ограничувања на претседателските овластувања.

Директорот на американскиот Национален институт за алергии и инфективни болести, Ентони Фаучи изјави дека повторното покренување на економијата на 1 мај е „премногу оптимистично“. Угледниот инфектолог истакна дека САД не се ни блиску до олеснување на рестриктивните мерки.