Трамп: Разузнавачите од ЦИА треба да се вратат на училиште, наивни се!

Американскиот претседател Доналд Трамп денес ги обвини шефовите на разузнавачките служби дека се наивни, по вчерашното сослушувањето во Комисијата за разузнавање на Сенатот, откако тие влегоа во спор со претседателот за значајни надворешно-политички ставови.

Не е првпат Трамп да ги критикува челниците на големите разузнавачки агенции, но сега тој „истрела артилерија твитови”, со особено агресивен и ироничен тон, забележува Франс прес.

Вчера пред Комисијата за разузнавање во Сенатот, директорката на ЦИА Џина Хаспел и шефот на Националното разузнавање Ден Коутс, и двајцата номинирани на овие позиции од Трамп, ја претставија картата со глобалните закани за светот. Сепак, нивната анализа имаше јасна спротивставеност со анализата на Трамп за Сирија, Северна Кореја и Иран.

Членовите на разузнавачките служби се чини дека се крајно пасивни и наивни за опасностите од Иран. Тие не се во право, напиша Трамп на твитер.

Според Џина Хаспел, Иран сé уште го се држи до „техничкиот” договор, потпишан со големите сили во 2015 година, за прашањето за нуклеарното оружје. Ако Иранците размислуваат да се „дистанцираат” од овој договор, тоа е затоа што немаат економски последици, истакна Хаспел, потсетувајќи дека Вашингтон ги обнови санкциите против Техеран, откако САД се повлекоа од нуклеарниот договор минатата година. Ова повлекување предизвика гнев кај европските сојузници, пишува Франс прес.

Ден Коутс вчера изјави дека Иран во моментов не презема активности за производство на нуклеарно оружје, објави ТАСС.

Кога станав претседател, Иран создаваше проблеми низ целиот Блиски Исток и пошироко во регионот. По нашето повлекување од овој ужасен договор за нуклеарната програма, тие се однесуваат многу различно, но остануваат потенцијален извор на опасност и конфликт, напиша Трамп.

Не му верувајте на Иран. Припадниците на разузнавачките служби можеби ќе треба да се вратат на училиште, додаде американскиот претсседател.

Второто несогласување се однесуваше на Северна Кореја.

Нашите проценки продолжуваат да покажуваат дека Северна Кореја е малку веројатно да се откаже од своето нуклеарно оружје, изјави Ден Коутс вчера во Сенатот.

Иако покрај прекинот на нуклеарни проби повеќе од една година ние продолжуваме да регистрираме активности, кои не се компатибилни со целосната денуклеаризација, додаде Коутс.

Преку твитер, Трамп денес потсети дека односите меѓу САД и Северна Кореја никогаш не биле подобри и истакна дека постои „добра шанса” за реализација на денуклеаризацијата.

Дури имавме и враќање на заложници, додаде Трамп, потврдувајќи дека има желба да се сретне по вторпат со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.

На темата за Сирија, Трамп, исто така, одговори со кратки твитови до шефовите на разузнавачките служби. Огромен напредок е постигнат во Сирија последниве две години, рече американскиот претседател.

Вчера во Сенатот Ден Коутс предупреди дека Исламска држава сѐ уште контролира илјадници борци во Ирак и Сирија.