Трамп: Се обидуваме да утврдиме дали Ковид настанал во лабораторија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата Влада се обидува да утврди дали вирусот Ковид-19 настанал во лабораторија во кинескиот град Вухан, додека американскиот државен секретар Мајк Помпео истакна дека Пекинг мора да разјасни се што знае.

Фокс њуз вчера објави дека вирусот потекнува од лабораторија во Вухан не како биолошко оружје, туку како дел од обидот на Кина да покаже дека нивните напори за идентификување и борба против вируси се големи како и можностите на САД.

Одговарајќи на новинарско прашање за тие гласините, Трамп рече дека и тој слушнал за нив и оти неговата администрација „многу темелно ја испитува ситуацијата“.

На прашањето дали разговарал за тоа со кинескиот претседател Си Џинпинг, Трамп рече дека не сака да коментира што разговарал со него за лабораторијата, бидејќи тоа во моментов е „несоодветно“.

Во интервју за телевизијата Фокс, државниот секретар Мајк Помпео рече дека знае дека вирусот потекнува од Вухан и оти Институтот за вирологија се наоѓа на само неколку километри од пазарот, каде за првпат се појави вирусот.

– Сакаме кинеската Влада да се отвори и да ни помогне со објаснување како точно се проширил вирусот. Кинеската влада мора да го разјасни тоа, рече Помпео.

Инаку Трамп на вчерашната прес-конференција во Белата куќа изрази скептицизам за бројот на починати во Кина, изјавувајќи дека е неверојатно Кина да има само 3.000 смртни случаи, а САД повеќе од 20.000.

– Дали навистина верувате во тие бројки во оваа огромна земја наречена Кина и дека имаат мал број на случаи. Дали некој навистина верува во тоа, праша Трамп.