Трамп се откажа од планот самитот на Г7 да се одржи во неговиот клуб

Американскиот претседател Доналд Трамп ги откажа плановите за одржување на следниот самит на Г7 во неговиот голф клуб во Мајами, на Флорида.

Тој минатата недела предложи самитот да се одржи во неговиот хотел „Дорал“, но се откажа по бројните критики, пренесува „Глас на Америка“.

Трамп на Твитер ги обвини  медиумите и демократите што се спротивставија на одржувањето на самитот во „Дорал“.

– Мислев дека правам нешто многу добро за нашата земја, да ги пречекам лидерите на Г7 во хотелот „Дорал“, кој е голем, лоциран до меѓународниот аеродром во Мајами, има одлични сали и секоја делегацијата ќе има зграда од 50 до 70 соби. Реков дека ќе го сторам тоа без профит или ако е законски дозволено, без трошоци за САД. Сепак, како и обично, непријателските медиуми и нивните демократски партнери полудеа, напиша Трамп на Твитер.

Тој најави дека ќе се разгледаат други локации за одржување на самитот, меѓу кои и Кемп Дејвид, претседателската резиденција во Мериленд.