9.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Трамп се појави во јавноста по крвавиот упад во Конгресот, оди на границата

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска за прв пат ќе се појави во јавност откако неговите приврзаници упаднаа во Капитол и ќе изврши увид во главниот проект на неговиот мандат, ѕидот на границата со Мексико.

Трамп бил охрабрен да го стори тоа од соработниците кои веруваат дека треба да присуствува само на настани што потсетуваат на неговото наследство.

Последните два месеци тој ги помина на бесполезни обиди за соборување на резултатите од претседателските избори на 3 ноември, на кои што победи Џо Бајден.

Револтиран и нервозен на помалку од една недела пред да му ја предаде власта на Бајден, Трамп е изолиран во Белата куќа со неколку блиски соработници од средата кога неговите следбеници насилно упаднаа во зградата на парламентот. Во немирите животот го загубија шест лица.

Белата куќа соопшти дека нема никаква симболика во посетата на Аламо. Мисијата Аламо во Сан Антонио била сцената на познатата битка во 1836 година, кога Тексашаните биле поразени од мексиканските сили.

Трамп вети дека ќе престане нелегалното преминување на границата на свој начин, најавувајќи уште во 2016 година дека ќе го стори тоа со градење ѕид на границата.

Портпаролот на Белата куќа рече дека целта на посетата е да се одбележи „завршувањето на изградбата на ѕидот долг 644 километри и напорите на неговата администрација за реформа на неуспешниот имиграциски систем“.

Изградбата сè уште трае на многу места по должината на тие 644 километри, на места каде што делови од конструкцијата била подигната од поранешните администрации.

Се очекува Трамп да даде изјава за сè што сторил во врска со илегалната имиграција.

Претседателот во заминување се соочува со барања од демократите и некои републиканци во Конгресот да се повлече.

Конгресменката Ненси Пелоси сака да го отповика, а некои пратеници бараат од потпретседателот Мајк Пенс да го искористи уставното право за смена на Трамп.