Трамп се закани дека ќе го заземе Сиетл, a градоначалничката му рече да се врати во својот бункер

Џени Дуркан, градоначалничката на Сиетл, рече дека градот нема да прифати влез на федералните трупи чија цел е растерување на демонстрантите од пред градската полициска станица.

„Заканата со напад на Сиетл – која има намера да подели и да поттикне насилство во нашиот град – не е само непожелна, туку и нелегална“, рече вчера Дуркан на пресконференција.

Американскиот претседател, Доналд Трамп напиша порака на Твитер до градоначалничката Дуркан и гувернерот на Вашингтон Џеј Инсли: „Вратете ја контролата над вашиот град СЕГА. Ако не го направите тоа, тогаш јас ќе го направам“.

„Ова не е игра. Овие грди анархисти мора да се спречат ВЕДНАШ. Брзо преземете нешто“, напиша тој во средата, заканувајќи се дека ќе ја испрати федералната војска да ги растера протестите.

Со оваа порака Трамп се осврна на протестите што траат со денови во Сиетл, Вашингтон, а кои започнаа со полициското убиство на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд.

Двајцата демократи, Инсли и Дуркан, му одговорија тогаш на претседателот на Твитер среде здравствената и економска криза проследена со граѓански немири на национално ниво поради расната неправда.

„За сите да бидеме безбедни, врати се во својот бункер“, напиша тогаш Дуркан, осврнувајќи се на засолнувањето на Трамп во бункерот на Белата куќа на речиси еден час за време на интензивните протести минатиот месец.

„Човек кој е целосно неспособен да управува не треба да се меша во работите на државата Вашингтон. Престани да твитуваш“, напиша Инсли.

Дуркан рече дека повеќето протести се мирни и не е потребна никаква интервенција.

„Една од работите што претседателот никогаш нема да ја разбере е дека слушањето на заедницата не е слабост. Тоа е сила“, рече Дуркан.

Зградата на полицискиот оддел во Сиетл била испразнета откако бариерите за контрола на толпата пред зградата биле отстранети. Началникот на полицијата, Кармен Бест изјави дека нивните напори за олеснување на тензиите не биле возвратени.

„Наместо да маршираат, демонстрантите, откако се пожалија за полициските барикади, воспоставија свои барикади“, рече Бест.

Таа рече дека протестите на Капитол Хит не се поопасни од други демонстрации што редовно се одржуваат во заедницата.

„Имам вести за народот: целиот мој живот градот е ‘автономен’“, рече таа и додаде: „Не е забранета зона на вооружената милитантна војска Антифа“, додаде таа.