Трамп се закани дека САД може да ја напуштат СТО

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани во вторникот дека Соединетите држави ќе ја напуштат Светската трговска организација (СТО – WTO) која остро ја критикува бидејќи според него ја префирарала Кина на штета на САД.

„Ќе ја напуштиме организацијата (СТО) доколку е потребно. Нѐ мачат со години и тоа повеќе никогаш нема да се случи“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп пред вработените на една хемиска фабрика на компанијата „Shell“ во сојузната држава Пенсилванија.

Ова не е првпат Трамп да се заканува дека САД ќе истапат од меѓународната трговска организација која во текот на својата предизборна кампња ја нарече „застарена“. Минатото лето американскиот претседател оцени дека СТО со години „многу лошо“ ги третираат САД и уверуваше дека доколку организацијата не се реформира, Вашингтон ќе се повлече од неа.

Кон крајот на јули годинава Трамп бараше реформи на СТО и повеќе да не им биде даван повластен третман на земјите во развој. Администрацијата на Трамп, исто така, долго ги обвинуваше СТО и некои нејзини членки, во прв ред Кина, дека го злоупотребуваат статусот на земја во развој, што овозможува и одложување на примената на некои спогодби и заштита во екои области без да се изложат на негодување на членките на организацијата.