Трамп се закани со високи царни на увозот на автомобили од ЕУ

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани во средата со високи царини на увозот на автомобили од Европската унија, доколку Брисел наскоро не се согласи на трговски договор.

„Мора да бидат релативно брзи“, рече Трамп на конференцијата за медиумите пред заминувањето од швајцарски Давос каде што учествуваше на Светскиот економски форум (WEF).

„Земјите од ЕУ занчително повеќе извезуваат во САД отколку што увезуваат од нив. Досега бев воздржан, бидејќи бев презафатен и прво сакав да склучам трговски договор со Кина. Всушност тие се потешки од Кина“, појасни американскиот претседател, алудирајќи на ЕУ ден по состанокот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

„Слушајте, доколку нешто не добиеме, ќе мораме нешто да преземене, а тоа нешто ќе бидат многу високи царини на автомобилите и други производи кои доаѓаат во нашата земја“, изјави Трамп во разговор за американската телевизиска мрежа CNBC News, емитуван подоцна во средата.

Додаде дека, сепак, верува оти на крајот ЕУ ќе се согласи на договор. „Тие ќе склучат договор, затоа што мораат“, заклучи Трамп во телевизиското интервју.

Во текот на престојот во Давос, во разговор за Fox Business News, Трамп рече дека царините на увозот на автомобили од ЕУ би можеле да изнесуваат 25 отсто.

„Во крајна линија работите ќе бидат многу едноставни, бидејќи доколку не успееме да склучиме договор, ќе мораме да воведеме 25-процентни царини на увозот на нивните автомобили“, рече Трамп во разговорот со новинарката на Fox Business News, Марија Бартиромо.

САД и ЕУ се големи трговски партнери, што ја покажува и вредноста на нивната трговска размена во 2018 година од речиси 1.300 милијарди долари. Трговските преговори меѓу Брисел и Вашингтон ќе бидат тешки, бидејќи европската страна сака од договорот да го исклучи земјоделскиот сектор, додека американската сака да ги заштити својот пазар на јавно набавки, оценува германската агенција DPA.