Трамп смета дека 100.000 мртви од коронавирусот би било „добро завршена работа“

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во неделата дека 100.000 починати од последиците на коронавирусот во САД би можело да се смета за „добро завршена работа“, и најави откажување од претходниот план за повторно покренување на стопанските активности до средината на април, пренесуваат агенциите.

На прес-конференцијата во Белата куќа, претседателот Доналд Трамп рече дека неговата администрација ги снижила своите процени за потенцијалните случаи на смрт во САД од Covid-19 од претходните 2,2 милиони, и притоа оцени дека доколку Соединетите држави успеат оваа бројка да ја ограничат на 100.000, тоа би значело дека одлично работеле во справувањето со пандемијата.

„Доколку успееме да ја задржиме оваа бројка на кажаните 100.000, тоа е ужасна бројка, можеби дури и на помалку… така, доколку имаме меѓу 100 и 200 илјади, тогаш сите сме направиле одлична работа“, рекол Трамп, пренесува германската новинска агенција DPA.

Својата претходно изјава дека сака стопанството повторно да биде придвижено до католички Велигден, 12-ти априк, ја нараче „амбициозна“. „До Велигден би требало да го достигнеме врвот и полека да ја започнеме надолната линија и тоа, се надевам, значајно“, рекол Трамп.

Насоките за социјалното дистанцирање во врска со пандемијата, коишто се воведени на две седмици и би требало да истечат следната седмица, ги продолжи до 30-ти април.

„САД ги продолжуваат препораките до 30-ти април поради запирањето на ширењето на коронавирусот. Ништо не е полошо од предвременото прогласување победа“, изјавил Трамп, пренесува британски Reuters.

Бројот на потврдените случаи на зараза со новиот коронавирус во САД, според институтот на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, кој ги бележи официјалните податоци од светот, изнесува 142.106 лица. Вкупно 2.479 луѓе досега починале од последици од Covdi-19, а заздравени се 2.686 пациенти.

„Стапката на смртноста својот врв веројатно ќе го забележи за две седмици. Колку подобро ќе се однесувате, побрзо ќе заврши овој кошмар“, им порачал Трамп на Американците.

Претходно во неделата, директорот на Националниот институт за алергии и инфективни болести, Ентони Фаучи, кој е и советник на претседателот Доналд Трамп во борбата против новиот сој коронавирусот, изјави во разговор за телевизијата CNN дека пандемијата, доколку мерките за нејзино ширење не бидат успешно спроведени, веројатно ќе однесат меѓу 100 и 200 илјади човечки животи во САД.