Трамп: Сојузните агенции ќе ги истражат левичарските безредија

Американските министерства за правосудство и за внатрешна безбедност ќе воспостават заеднички оперативен центар за истрага на „левичарските граѓански безредија“, најави во понеделникот претседателот Доналд Трамп.

Републиканскиот претседател притоа го обвини својот противкандидат од Демократскта партија на ноемвриските избори Џо Бајден за давање морална поддршка на вандалите, пренесува Reuters.

Најавувајќи го пристапот „остро на криминалот“ во сузбивањето на разгорените насилства проследени сѐ почесто со убиства во американските градови зафатени со протестите поради полицската бруталност и системскиот расизам, Трамп рече дека повеќе од 200 лица се уапсени ширум САД, вклучително и 100-те само во Портланд во сојузната држава Орегон.

„Во Америка никогаш нема да му се предадеме на владеењето на мафијата, бидејќи доколку мафијата владее демократијата навистина е мртва“, порача Трамп.

Демократскиот кандидат за Белата куќа, Џо Бајден, благо во понеделникот го осуди насилството во текот на протестите против расизмот, обвинувајќи го републиканскиот противкандидат Трамп дека „ја разгорува искрата на општествените превирања“.