Трамп своите први 100 дена ги оцени за многу успешни и ги нападна медиумите

(© AFP 2017 / Mandel Ngan)

Американскиот претседател Доналд Трамп го започна својот говор во саботата навечер на собирот во сојузната држава Пенсилванија по повод одбележувањето на првите100 дена од влегувањето во Белата куќа оценувајќи ги како „многу продуктивни“ и им порача на своите приврзаници дека „големите битки“ кои го чекаат ќе бидат извојувани, но истовремено повторно ги нападна медиумите и вечерата на дописниците од Белата куќа којашто се одржуваше истата вечер во Вашингтон.

Во својот говор американскиот претседател Доналд Трамп ги нападна медиумите и својот претходник Барак Обама, изразувајќи ја поддршката за американската индустрија и војската, својата позиција во надворешната политика и го повтори своето мото „Да ја направиме Америка повторно голема“.

Истакна дека ја избрал Пенсилванија за одржување на собир, бидејќи сакал да биде подалеку од Вашингтон, каде се одржуваше традиционална годишна вечера на здружението на известувачи од Белата куќа, нагласувајќи дека е одушевен што е далеку од „вашингтонското мочуриште“ и „здодевната вечера“.

„Голема група холивудски актери и вашингтонски медиуми се тешат во овој момент во хотелската сала за танцување од нашиот главен град“, рече Трамп.

„Медиумите како CNN MSNBC се лажни вести…. и тие би сакале да бидат со нас тука вечерва, но „заточени’ се на (дописничката) вечера којашто ќе биде многу многу здодевна“, коментираше Трамп.

Американскиот претседател го критикуваше и The New York Times како „целосно промашување“, наведувајќи дека овој весник станува сé помал и помал и оти е сместен во „грди канцеларии на бедна локација“, откако ја продаде претходната зграда во којашто беше сместено седиштето на весникот.

Трамп, исто така, најави дека наскоро ќе донесе „голема одлука“ во врска со Парискиот климатски договор, кој го потпиша неговиот претходник Барак Обама и за кој од почетокот најавуваше дека ќе го напушти.

„Ќе донесам одлука за парискиот договор во следните две седмици и ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп. Го опиша споменатиот договор како „едностран“ и рече дека САД платиле „милијарди“ за договорот, додека земјите како Кина, Русија и Индија, не платиле „ништо“.

„Нема повеќе да им дозволуваме на другите земји да нé искористуваат. Отсега ќе биде прво Америка“, изјави американскиот претседател зборувајќи воопштено за меѓународните договори.

Во текот на говорот Трамп кажа дека Кина им помага на САД да го решат „севернокорејскиот проблем“. Додаде дека кинескиот претседател Кси Џинпинг е „добар човек“ кој „сака да се зафати со таа ситуација“. „Кина има енормна сила и ќе видиме што ќе се случува“, рече Трамп. Притоа севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун го опиша како некој којшто „му предизвикува на светот големи неволји“.

Зборувајќи натаму за своите 100 дена на власт, Трамп кажа дека станува збор за „неверојатно патување“.

Одбирајќи да учествува на одбележувањето на првите 100 дена на собирот во Харисбург, организиран во стилот на неговата претседателска кампања, наместо на гала вечерата со претставниците на американските и светските медиуми и холивудските ѕвезди, Трамп стана првиот американскиот претседател во последните 36 години кој не присуствувал на традиционалниот годишен собир на кој функционерите на Белата куќа се дружат со претставниците на медиумите.

Уште повеќе, Трамп повтори дека е „одушевен што е далеку 100 милји од Вашингтон“, за да разговара за своето „неверојатно патување“ во текот на првите сто дена на власт.

Традиционално американскиот претседател учествува на годишната средба со новинарите и обично држи говор во кој се осврнува на медиумите, но и на политичарите и на самиот себе.

Наведе дека некои од успеси во тие 100 дена се именувањето на Нил Горсач во Врховниот суд на САД, одлуката да се повлече од Договорот за трансатлантското партнерство (TTP) и ставањето крај на „одлевањето на работните места во странство и осигурувањето тие да се вратат назад во земјата“.