Трамп уживал гледајќи го „Џокер“

Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата во салата за проекции на Белата куќа го гледал филмот „Џокер“, и по прикажувањето наводно рекол дека уживал во него, пренесуваат американските медиуми.

Филмот и комерцијално и кај критиката доживеа голем успех. На Филмскиот фестивал во Венеција оваа црна драма со Хаокин Феникс во главната улога го освои Златниот лав. На кино-благајните ширум светот, пак, до четвртокот заработи 999 милиони долари, па со голема сигурност може да се каже дека заработката веќе надминала милијарда долари.

Во извештајот на Yahoo News е потврден твитот на новинарот на CNN, Шимон Прокупец, за тоа дека претседателот Доналд Трамп во саботата го гледал филмот, и се пренесува изјавата на неименуван виско функционер на Белата куќа кој рекол дека на американскиот челник филмот му се допаднал, како и дека уживал во него.

Британскиот весник The Independent, пак, саркастично забележува дека не е потполно јасно дали филмот на Трамп му се допаднал поради фактот дека ликот кој го толкува Роберт Де Ниро, еден од неговите најжестоки критичари во Холивуд, во филмот завршува трагично.

Жителите на Белата куќа филмовите може да ги гладаат во салата за проекции, а понекогаш имаат и привилегија во нив да уживаат и пред официјалното прикажување во кино-салите. Приватната кино-сала во Белата куќа е изградена во 1942 година по барање на тогашниот американски претседател Френклин Делано Рузвелт, а одлуката за нејзиното отворање за јавноста пред две години ја донесе сопругата на актуелниот претседател Меланија Трамп.

Првиот филм кој Доналд Трамп го гледал во оваа кино-сала бил анимираниот филм „Потрагата по Дора“, зимата 2016 година. Сместена е во источното крило на Белата куќа, коешто опфаќа и атомско засолниште од времето на Втората светска војна.