Трамп вели дека Иран ја условувал средбата со укинување на санкциите

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот потврди дека иранските челници наводно сакале да се сретнат со него, но побарале прво да се симнат американските санкции, што било одбиено од негова страна.

„Иран сакаше да ги укинам санкциите, воведени против нив, за да се сретнеме. Јас, секако, реков не!“, напиша Трамп на Twitter.

Американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот Хасан Роухани оваа седмица учествуваа на 74-та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, но не беше остварена нивна средба, и покрај големите напори што ги вложија неколку земји, во прв ред Франција и Германија како европски потписнички на нуклеарниот договор од 2015 година од кој во мај 2018 година САД истапија и повторно воведоа санкции против Иран.

Претходно по враќањето од Њујорк, Роухани изјави дека Трамп на разговорите со европските челници на маргините на Генералното собрание, изразил подготвеност за укинување на сите санкции против Иран, доколку се оствари директна средба меѓу двете делегации, но условите „не биле прифатливи“ за Техеран.