Трамп вели дека САД би се казниле себеси доколку престанат да му продаваат оружје на Ријад

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД би се казниле самите себеси доколку би ја запреле продажбата на оружје на Саудиска Арабија, дури и доколку се докаже дека саудискиот новинар Џамал Кашоги е убиен во саудискиот конзулат во Истанбул.

Џамал Кашоги, истакнат критичар на монархијата во Ријад и американски државјанин од 2017 година, исчезна на 2-ри октомври откако влегол во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул за да собере документација за неговата претстојна венчавка. Турската истрага смета дека Кашоги е убиен во зградата на саудиската дипломатска мисија, и дека неговото тело е отстрането, додека Ријад тврди наспроти исказите на вереницата на новинарот која го чекала пред зградата десет часа пред да пријави во полицијата, дека тој ја напуштил зградата кусо откако влегол во неа.

Американскиот претседател Доналд Трамп создаде тесни односи со Саудиска Арабија, по помалку нервозните односи меѓу Ријад и претходната администрација во Вашингтон. Сега Трамп се наоѓа под меѓународен па и домашен притисок да помогне во решавањето на аферата со Кашоги и да ја казни Саудиска Арабија, доколку истрагата покаже дека оваа арапска монархија е одговорна за исчезнувањето или убиството на новинарот.

Некои конгресмени изјавија дека Вашингтон би требало да ја блокира продажбата на оружје на Ријад, доколку се докажат турските наводи за убиството на Кашоги. Но Трамп се противи на тоа, бидејќи станува збор за суми од неколку стотици милијарди долари. Покрај тоа, оваа сунитска монархија каде што кралската лоза ја исповеда вехабитската форма на исламот, е силен американски сојузник на Блискиот исток против влијанието на ривалскиот шиитски Иран.

„Јас всушност мислам дека би се казниле себеси, кога би го сториле тоа. Постојат други нешта коишто би можеле да ги направиме, а се многу силни, многи моќни и тоа ќе го сториме“, изјави Трамп за новинарите во Белата куќа без да каже за какви мерки станува збор.

Претходно во саботата Трамп во интервјуто за американската телевизиска мрежа CBS News рече дека Саудиска Арабија ќе биде „строго казнета“ доколку се покаже дека исчезнатиот Кашоги е убиен во нејзиниот конзулат. И во ова интервју тој рече дека не сака да ја запре продажбата на американско оружје за Ријад, како што сугерираат некои политичари, бидејќи тоа би ги погодило американските воени снабдувачи и економски би им наштетило на САД.

„Ќе ги истражиме сите околности и казната ќе биде строга“, рече Трамп. Запрашан дали саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман го наредил убиството на Кашоги, Трамп одговори: „Засега тоа никој не го знае, веројатно ќе дознаеме“.

Во интервјуто во емисијата „Шеесет минути“, кое ќе се емитува во неделата, Трамо вели и дека „Доколки тоа се покаже, ќе бидеме многу вознемирени и лути“. Трамп рече и дека станува збор за многу нешта во случајот на Кашоги, „можеби токму затоа што беше новинар“.

Големите воени снабдувачи изразија загриженост пред администрацијата на Трамп дека пратениците кои се гневни поради исчезнувањето на Кашоги кој од лани е американски државјанин, би можече да ги запрат натамошните договори за продажба на оружје на Саудиска Арабија.

Меѓутоа, Трамп вели дека не сака да ја загуби продажбата на оружје на Саудиска Аранија, што, како што оцени, го посакуваат американските конкуренти Русија и Кина, кои исто така се извозници на воена опрема. „Знаете што, постојат и други начини на казнување“, вели американскиот претседател во интервјуто кое ќе биде емитувано во недела.

Турски извори велат дека според првите полцииски процени, Кашоги бил со умисла убиен во конзулатот, како и дека постојат аудио и видео записи од неговото мачење и убиство. Но експертите се соменваат дека може да се добијат вакви податоци од неговиот паметен часовник колку и да бил синхронизиран во „облак“ со неговиот паметен телефон кој останал кај неговата вереница пред конзулатот. Саудиска Арабија ги отфрла ваквите тврдења.