Трамп: Владата на САД не е инволвирана во упадот во Венецуела

Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска повтори дека американската Влада не стои зад упадот во Венецуела, што наводно имаше за цел да го собори од власт претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.

Трамп во интеврју за „Фокс њуз“ наведе дека за таква операција не би се потпрел на мала група на луѓе. Тој додаде дека и ништо не знае за упадот во Венецуела.

– Мислам дека Владата воопшто не е поврзана со тоа и морам да откријам што се случило. Ако сме одлучиле нешто за Венецуела тоа не би било изведено на таков начин. Би било малку поинаку. Би ја нарекле инвазија, потенцира Трамп.

„Вашингтон пост“ вчера објави дека дел од венецуелската опозиција во октомври договарала план за соборување на претседателот Николас Мадуро, по цена од 213 милиони евра со фирма за обезбедување „Силверкоп“од Флорида.

Весникот повикувајќи се на документ доставен од венецуелската опозиција, истакнува дека планот за соборување на Мадуро е разработен на 42 страници, при што е наведено какви противпешадиски мини да се употребат, какви техники на бунт да се искористат, но не објаснува како мала група командоси би можела да ја преземе власта над илјадици припадници на венецуелските безбедносни сили, лојални на владејачката Социјалистичка партија.

Во понеделникот во Венецуела се уапсени Американците Лук Денман (34) и Ајрен Бери (41) и тие признаа дека организирале обид за „инвазија“ врз Венецуела.

Двајцата уапсени Американци на венецуелската државна телевизија изјавија дека фирмата „Силверкоп“ била ангажирана да го заземат аеродромот во Каракас и да го симнат од власт Мадуро.

Претходно, Стејт департментот соопши дека апсењето и обвинувањето на Американците е „голема кампања за дезинформирање на јавноста“ поддржана од режимот на Мадуро и оти „е тешко да се разликуваат фактите од пропагандата“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.