Трамп: Запревме масовни убиства помеѓу Косово и Србија

38

Запревме масовни убиства помеѓу Косово и Србија, рече американскиот претседател Доналд Трамп.

Oва го кажа за време на митинг во рамки на претседателската кампања во Северна Каролина, кога во текот на говорот се осврна на договорот што го потпишаа Косово и Србија во Белата куќа за кој беше номиниран за Нобелова награда за мир.

„Сигурен сум дека следната приказна ќе биде Нобелова награда за мир. Ние запираме масовни убиства помеѓу Косово и Србија. Тие се убиваа едни со други толку многу години. Сега ќе престанат да се убиваат. Реков: ’господа, ајде да се собереме‘. Знаете, тие го правеа тоа (се убиваа) стотици години под различни имиња“, изјави Трамп.

Номинацијата за Нобелова награда за мир за Трамп и неговата администрација поради договорот помеѓу Косово и Србија дојде пред десетина дена. Номинирани се и владите во Приштина и Белград.

Номинацијата ја поднесе Магнус Јакобсон, публицист и член на шведскиот парламент.

Ова беше втора номинација за Нобелова награда за мир за Трамп во период од околу една недела откако претходно, норвешкиот пратеник Кристијан Тибринг-Гједе го номинираше за посредувањето во постигнувањето договор меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.