22.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Трампови ги минуваат последните денови во Белата куќа, Џо Бајден ја чека инaугурација

Претседателот на САД, Доналд Трамп, и првата дама, Меланија ги поминуваат последните денови во пакување на куферите и други лични предмети, и најдоцна до среда 12:01 часот источноамериканско време, треба да ја напуштат Белата куќа.

Трамп утре заминува и од Вашингтон, но, иако ги троши последните денови како шеф на државата, јавноста го нема слушнато подолго време. Во изминативе шест дена тој немаше закажан ниту еден јавен настан, ниту, пак, официјална средба.

Во среда, тој за последен пат ќе го искористи претседателскиот авион и заминува за Флорида, во неговата приватна резиденција Мар-а-Лаго, каде, како што јавуваат американските медиуми, ќе се пресели и ќе продложи да живее како жител на Флорида. Трамп имаше жителство од Њујорк кога стапи на функцијата во јануари 2017 година.

Инаку, тој ќе биде првиот претседател после 150 години кој нема да учествува на инаугирацијата на новоизбраниот претседател, како последен симболичен чин на примопредавање на власта. Трамп, сепак, ќе замине во претседателски стил. Од воената база „Ендрјуз“ во Мериленд, тој утре до претседателскиот авион ќе зачекори на постелен црвен килим со музика од воен оркестар и придружен од парадни војници.

Воени ловци најверојатно ќе го надлетаат Вашинтон пред инаугурацијата, како последен поздрав до претседателот во заминување.

Трамп заминува со многу низок рејтинг после нередите што ги остави зад себе во Вашингтон на 6 јануари. Според последната анкета на „Квинипиак“, популарноста на претседателот е намалена до 33 отсто, пад за повеќе од 10 проценти споредено со декември 2020 година. Со ова, тој ќе остане запаметен како еден од ретките претседатели во историјата со толку низок рејтинг при крајот на првиот мандат.

Во меѓувреме, демократите во Конгресот составија тим од законодавци кои ќе презентираат докази во обидот да го осудат Трамп, во рамките на вториот изгласан импичемент против него. Тоа ќе се случи веднаш откако спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, ќе ги испрати предметите за импичментот во Сенатот.

Предвидувањата се дека Трамп нема да биде осуден во Сенатот бидејќи за тоа треба да гласаат две третини од сенаторите. Конкретно, за да успеат во намерата на демократите ќе им бидат потребни 17 гласови од републиканците.

Ниту еден републиканец досега не се изјасни дека поддржува осуда, иако некои најавија дека можеби ќе поддржат. Некои републикански сенатори, како Том Котон и Линдзи Грем, сметаат дека осуда на поранешен претседател е противуставен чин.

И да биде осуден, Трамп како претседател има надлежност да си додели ретроактивно помилување, и можеби веќе го има сторено тоа. Според некои најави, денес или утре, тој треба да додели околу стотина други помилувања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.