Спорт

Трансфер бомба: Јасир Асани нов играч на Победа

Трансфер бомба: Јасир Асани нов играч на Победа

Во понеделникот попладнето во клупските простории на Победа првиот човек на клубот Гоце Ингилизов ги финишира преговорите и потпиша шестмесечен договор со 22-годишниот Јасир Асани.

Станува збор за играчот на Вардар кој како позајмен минатата пролет ги бранеше боите на Шкупи.

Асани е изданок од школата на Вардар каде ги минал сите селекции. Во Првата лига дебитира 2013 година, а зад себе има 75 прволигашки мечеви и 14 голови.

„Одлучив да дојдам во Победа и да направам чекор напред во мојата кариера. Во Победа имам многу пријатели со кои сум настапувал. Тука ми е меѓу другите и Гешоски, легендата на фудбалот во Македонија. Сакам оваа сезона со Победа да избориме излез во Европа затоа што прилепскиот прволигаш има многу добра екипа и верувам дека во престојниот шампионат ќе направиме успех“, изјави Асани во понеделникот по склучувањето на договорот.

Асани со успех може да настапува на двете офанзивни странични позиции и несмнено со својот индивидуален квалитет ќе го подигне нивото на играчкиот состав на Победа и ќе ја зголеми конкуренцијата во нападот. Со ова најново засилување тренерот Штерјовски ќе има главоболки околу изборот на најдобрите 11-мина.

Договорот на Победа и Асани е со важност од шест месеци, со можност за негово продолжување доколку двете страни се задоволни.

Тој е четвртото засилување на Победа за новата сезона откако претходно клубот ги ангажираше: Борче Маневски, Нове Ацески и Тулат Хумбатов.