Транскрипт од последниот разговор меѓу Бајден и Гани: Не е важна вистината

U.S. President Joe Biden meets with Afghan President Ashraf Ghani at the White House, in Washington, U.S., June 25, 2021. REUTERS/Jonathan Ernst

Во последниот телефонски разговор меѓу американскиот претседател Џо Бајден и избеганиот авганистански претседател Ашраф Гани пред талибаните да ја преземат контролата врз Авганистан, американскиот челник ја исфалил авганистанската војска која за само десетина дена целосно се распадна пред офанзивата на исламистичките екстремисти, а на својот колега му порачал и да „постави воин на чело на вооружените сили“.

Разговорот се одржал на 23-ти јули и траел 14 минути, а неговата содржина во средата ексклузивно ја објави агенцијата Reuters, чиишто стручњаци ја потврдиле автентичноста на снимката која е добиена од анонимни извори.

Во текот на разговорот, Бајден и Гани меѓу другото дискутираат и за воената помош на САД за Авганистан, политичката стратегија и менувањето на перцепцијата на јавноста, а од транскриптот може да се заклучи дека сосема не биле свесни за димензиите на опасноста којашто доаѓа од талибаните, ниту биле подготвени на можноста целата земја да биде под нивна контрола за само две/три седмици. Само 23 дена по овој разговор, Ашраф Гани побегна од земјата, талибаните го заземаа и главниот град Кабул, а САД ја започнаа масивната евакуација на своите и државјаните на сојзуниците во дведецениската војна, како и на Авганистанците кои работеле за нив, во која во следните две седмици со воздушниот мост од земјата се изнесени над 123.000 луѓе.

Содржината на разговорот меѓу Бајден и Гани се сведува на тоа што американскиот претседател ѝ нудел помош на владата во Кабул под услов авганистанскиот челник да ја убеди јавноста дека има план како да ја преземе контролата над изразено тензичната ситуација во земјата.

„Ќе продолжиме да даваме воздушна поддршка на вашите сили доколку знаеме каков е планот“, ја цитира агенцијата пораката на Бајден до Гани.

 

Стави воин и менувај ја перцепцијата

Како што наведуваат репортерите на Reuters, Арам Ростон и Нандита Босе, американскиот претседател на Гани му советувал да издејствува поддршка од моќни луѓе во Авганистан за својата воена стратегија и потоа на чело на војската да постави „воин“, со што алудирал на министерот за одбрана генералот Бисмила Кан Мохамади кој од 2002 до 2010-та беше началник на Генералштабот. А по падот на Кабул на 15-ти август се приклучи на движењето на отпорот против талибаните во долината Панџшир и јавно повика на апсење на претседателот Гани „бидејќи ја предаде татковината“.

Во текот на телефонскиот разговор, исто така, Бајден на Гани многу му ги фалел вооружените сили на Авганистан, кои беа обучувани и скапо опремувани токму од САД.

„Очигледно е дека имаш најдобра војска. Имаш 300.000 добро вооружени војници, кои знаат да се борат, против максимално 80.000 бунтовници“, рекол американскиот претседател.

Тоа се случува само неколку дена пред авганистанските безбедносни сили да се распаѓаат во разни делови на земјата, неретко и без отпор предавајќи ги провинциските административни центри.

На тоа дека Бајден сфаќал дека развојот на настаните во Авганистан не се одвива поволно, укажува делот од разговорот во кој му порачува на Гани дека владата во Кабул има проблем со „перцепцијата“.

„Не треба да ти зборувам дека впечатокот ширум светот, но и во делови од Авганистан, е дека работите не се одвиваат добро во борбата со талибаните. Потребно е да се создаде поинаква слика за состојбата на работите, без оглед дали тоа е вистина или не. Тоа би ја променило перцепцијата, а тоа многу би значело“, рекол Бајден и додал дека би било влијателни авганистански политичари да одржат заедничка прес-конференција на која ќе ја поддржат новата воена стратегија.

Новинарите на Reuters сметаат дека од содржината на разговорот може да се заклучи дека Бајден, сепак, не очекувал целосен крах на авганистанската војска и пад на државата под контрола на талибаните, што се случи само 23 дена по разговорот со Гани. Додаваат дека доколку и очекувал, тоа не го кажал во овој разговор.

„Ќе продолжиме жестоко да се бориме, дипломатски, политички и економски, да обезбедиме не само твојата влада да опстане, туку и да јакне“, му рекол американскиот претседател на својот сега поранешен авганистански колега по должност.

На барање на Reuters за коментар на овој разговор, ниту Белата куќа ниту Ашраф Гани не одговориле.

Поради тоа, се потсетува на соопштението кое Белата куќа го испрати до медиумите по споменатиот разговор меѓу Бајден и Гани во коешто ја истакна поддршката на американскиот челник за авганистанските безбедносни сили, како и ветувањето дека од Конгресот ќе побара за нив дополнителни финансиски средства.

 

Што кажал Гани

Кога станува збор за Гани, тој во разговорот на Бајден му рекол дека верува оти ќе може да биде постигнат мир, доколку биде „избалансирана“ воената ситуација, но и порачал дека „мора брзо да се реагира“.

„Соочени сме со тотална инвазија од страна на талибаните, со полна логистичка поддршка од Пакистан и најмалку 10 до 15 илјади меѓународни терористи“, рекол Гани кој и бегството во Обединетите Арапски Емирати тврди дека политички структури од соседен Пакистан биле клучни за реорганизирањето на талибаните.

Пакистанската амбасада во Вашингтон, секако, ги негираше овие обвинувања: „Митот за талибаните кои доаѓаат од Пакистан е само изговор кој господинот Гани го користи за да ја оправда сопствената неспособност како лидер“.

Инаку, во време кога е воден овој телефонски разговор меѓу Бајден и Гани, талибаните веќе контролираа околу половина од провинциските центри, што беше силен показател за влошување на безбедносната ситуација во земјата. Владата во Кабул тогаш на авганистанската и меѓународната јавност им вети промена на воената стратегија, со акцент врз одбраната на големите градови во кои живее најмногу население, наместо борби за руралните територии. Бајден го поддржуваше овој најавен пресврт во стратегијата, тврдејќи дека тоа ќе ја промени перцепцијата за состојбите во Авганистан.

„Јас не сум војник и затоа не ви зборувам како точно би требало да биде вашиот план, но со тоа нема да добиете само повеќе помош, туку ќе го промените и впечатокот“, рекол Бајден. Гани, пак, му порачал дека американската поддршка за авганистанската војска ќе „овозможи вистинска мобилизација“.

Но дека промената на стратегијата всушност била само илузија, покажува подоцнежниот развој на настаните следните седмици кога талибаните напредуваа во заземањето на градовите и провинциите, најчесто со минимален отпор на деморилизираните авганистански војници, а понекогаш и без судир по договор со локалните првенци. Тогаш и Пентагон го промени тонот, а неговиот портпарол Џон Кирби очигледно фрустриран, порача дека Авганистанските сили за национална одбрана и безбедност мора да ја бранат својата земја.

„Тоа е нивна војска, тоа се нивни поровинциски центри, тоа се нивни луѓе кои мора да ги бранат“, рече Кирби на 9-ти август, нецела седмица пред падот на Кабул.

Два дена подоцна по изјавата на Кирби, американските разузнавачки агенции порачаа дека талибаните за 30 дена би можеле да го изолираат Кабул и да го освојат за три месеца. Но само четири дена подоцна без борба падна авганистанската престолнина.

 

Судирот со Карзаи

Покрај попустите идеи за промената на стратегијата и перцепцијата, разговорот на Бајден со Гани укажува на уште еден од клучните проблеми за властите во Кабул, а тоа се внатрешните политички борби и сеопштата разединетост.

„Не можеме да ја доведеме секоја личност, особено не него кој во сѐ оди против нашите власти. Последен пат кога се сретнав со него разговараме 110 минута кога ме пцуеше и обвинуваше дека сум американски слуга“, рекол Гани на што Бајден му возвратил дека ќе се воздржи од коментар.

Истиот ден Гани разговарал и со советникот на Бајден за национална безбедност Џејк Саливан, со генералот Марк Мили и командантот на Централната команда на САД, генералот Франк Меккензи.

Агенцијата Reuters истакнува дека го поседува транскриптот и од овој разговор. Наведува дека и во него фокусот бил повеќе на глобалната перцепција на состојбата во Авганистан, а помалку на развој на некаква воена стратегија.

„Впечатокот во САД, Европа и во сите медиуми, е дека талибаните се во залет и дека одат кон победата во Авганистан. Мораме да направиме пресврт во тој наратив“, рекол Мили во разговорот, додека Меккензи додал дека „времето не е наш пријател“ и дека „мораме да реагираме брзо“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.