Транспаренси Интернешнл: Македонија, Албанија и Косово најкорумпирани земји во Западен Балкан

Најкорумпирани земји во Западен Балкан, според истражувањето на Транспаренси Интернешнл (ТИ),  се Албанија, Македонија и Косово, кои се наоѓаат на 99-то, односно 93. место според Индексот на корупција. По нив следуваат БиХ и Србија на 89., односно на 87. место, додека Црна Гора е на  67., а Хрватска на 60. место.

ТИ објави годишен извештај за Индексот на перцепција на корупцијата во светот за 2018 година, кој го мери нивото на корупција во јавната администрација во 180 земји и територии низ светот. Индексот е создаден врз основа на 13 истражувања во деловниот сектор, како и стручни проценки.

Посебен акцент на ова истражување е ставен на врската помеѓу корупцијата и кризите на демократијата и растот на десничарските и популистичките тенденции, особено во рамките на Европската унија (ЕУ) и другите западни демократии.

Според извештајот, повеќе од две третини од земјите имаат индекс кој укажува на недоволно ефикасна борба против корупцијата. Најмногу загрижува фактот што повеќето земји не направиле никаков или многу мал напредок во областа на искоренување на корупцијата, и се оценува дека само 20 земји направиле значаен чекор во оваа смисла.

Западниот Балкан има втор по ред најслаб резултат во индексот. Скоро секоја земја направила многу ограничен напредок во борбата против корупцијата. Недостигот на политичка волја, ослабените институции и ограниченоста на политичките права создадоа атмосфера во која корупцијата цвета, а постои многу малку волја за борба против неа.

Како што се наведува во извештајот на ТИ, само три земји од регионот на Источна Европа и Централна Азија имаат резултати над просекот – Грузија која се наоѓа на 41., Црна Гора на 67., и Белорусија на 70. место. Во комбинација со недостиг на политичка волја за борба против корупцијата во јавниот сектор, државите од двете региони ги поткопуваат политичките права на своите граѓани.

Црна Гора во однос на минатата година падна за еден процент и евидентна е стагнацијата на земјата. Покрај напредувањето во европските интеграции, државата уште треба значително да го поправи владеењето на правото. Се нагласува загриженоста во однос на финансирањето на политичките партии, како и финансирањето на изборите.

Србија падна за два поени во однос на претходната година и ако владата продолжи со тенденција за потиснување на органите и институциите кои се одговорни за одржување на владеењето на правото, падот може да продолжи, се додава во извешајот.

Меѓу земјите кандидати за ЕУ ​​и потенцијалните кандидати, од оние кои имаат пристапни преговори, четири од седум забележуваат падови во степен на перцепција на корупцијата од претходната година.

Косово во однос на претходната година опадна за два поени. Некои од најголемите антикорупциски предизвици во Косово претставуваат недоволна транспарентност, слаби институции и владеење на правото и недоволен простор за граѓански ангажман.

Македонија спаѓа во групата за набљудување во наредните неколку години заедно со Босна и Херцеговина , Турција, Грузија, Украина и Ерменија. Од наведените само Ерменија има позитивен тренд, благодарение на промената на владата.