Трас: Кралицата беше еден од најголемите лидери што светот некогаш ги познавал

Во Лондон почна специјалната седница на Парламентот, пратениците ќе ѝ оддаваат чест на Кралицата во наредните 10 часа.

Седницата беше отворена со говор на новата премиерка на Велика Британија, Лиз Трас.

– Во часовите по синоќешните шокантни вести, сведочевме на трогателни искажувања тага поради загубата на покојната кралица, истакна таа, додавајќи дека „луѓето се собраа, знамињата се спуштени на половина копје, сочувство пристигна од сите континенти“.

Како што посочи Трас, „Кралицата беше еден од најголемите лидери што светот некогаш ги познавал“.

– Беше карпа на која е изградена модерната Велика Британија, нагласи новата британска премиерка.

Таа го заврши говорот со зборовите „Боже, чувај го Кралот“.