Во рамки на активностите посветени на економското зајакнување на жената, кои се спроведуваат во текот на март во склоп на кампањата „Гласна и храбра“, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска го посети рудникот САСА.
На средбата со раководниот и техничкиот тим на САСА, министерката се запозна со сите позначајни аспекти од работата на САСА, како и со ефектите од континуираните вложувања во модернизација на производството, во безбедноста и условите за работа, во професионалниот развој и благосостојба на вработените, како и во областите на животната средина, одржливиот развој и поддршката на локалната заедница.
Посебен акцент на средбата беше ставен на активностите и вложувањата на САСА насочени кон охрабрување и јакнење на жените, како и обезбедување конкретна поддршка за нивниот кариерен развој во компанијата и воопшто во рударската индустрија.
Министерката посети и дел од индустриските постојки на САСА, каде директно се запозна со работните процеси и разговараше со вработените, меѓу кои и со жените – членови на тимот на САСА од различни професионални профили и работни позиции. Компанијата континуирано работи на зголемување на бројот на жени вработени во рудникот и нивната процентуална застапеност сега е 8,9 % од вкупниот број вработени.
„Економското зајакнување на жените значајно влијае на постигнувањето родова еднаквост во сите сектори и во намалување на родово базирана дискриминација, што е еден од најзначајните приоритети на кои сме посветени во министерството. Драго ми е што гледам дека и во рударството сѐ повеќе се менува перцепцијата и се рушат табуата околу традиционалната поделба на машки и женски професии. САСА е одличен пример за тоа како компаниите треба да создаваат средина во која жените и мажите имаат еднакви можности за кариерен развој“, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на средбата со жените – вработени во САСА.
Министерката информираше и дека во рамки на тековниот инклузивен процес на подготовка на новиот Закон за работни односи, утврдена е и потребата од усогласување на домашната регулатива со современите светски гледишта и практики за еднаков третман на мажите и жените во поглед на правата од работен однос, што помеѓу другото ќе отвори и нови можности за кариерен развој на жените во рударската индустрија.
„Благосостојбата на сите наши вработени и нивниот развој отсекогаш била и ќе остане една од главните заложби на САСА и на групацијата Централ Азија Металс каде што припаѓаме. Активностите и вложувањата што ги правиме за поддршка, охрабрување и јакнење на жените во САСА, но и на оние во локалната заедница, се важен дел од овие наши заложби и истовремено се дел од нашата интегрална стратегија за одржлив развој која го трасира патот кон подобра иднина за сите оние кои на каков било начин се поврзани и можат да имаат придобивки од работењето на САСА“, рече генералниот директор на САСА, Кристофер Колбурн, заблагодарувајќи ѝ се на министерката и на останатите институции на национално и локално ниво за нивниот досегашен интерес и соработка.
За време на престојот во САСА, министерката Тренчевска имаше прилика да се запознае и со прогресот во реализацијата на новиот капитален проект, во кој се инвестирани околу 25 милиони долари, а кој ќе овозможи стабилна работа на САСА во наредните години, уште поголема сигурност и стабилност на работните места и отворање можности за нови вработувања, натамошно унапредување на безбедноста и животната средина, како и дополнителни придобивки за локалната заедница и пошироко за земјата.