Трет ден рекорден број на заразени од Ковид-19 во САД, Трамп се уште не верува во маски

Рекордно зголемување на нови случаи на коронавирус е регистрирано трет ден по ред во САД, објави универзитетот Џонс Хопкинс.

Според нив, за 24-часовен период има 77.638 потврдени заразени лица. Така, вкупниот број заразени во САД достигна речиси 3,64 милиони.

Во САД од Ковид-19 во последните 24 часа починале 927 лица. Со тоа, вкупниот број на смртни случаи од болеста предизвикана од новиот коронавирус достигна 139.198.

САД се најтешко погодени од пандемијата, со најмногу заразени и смртни случаи. Неколку недели во земјата има скок во случаите на југот и западниот дел.

Рекордни 4.500 нови инфекции се пријавени во четвртокот во округот Лос Анџелес, Калифорнија.

Во Тексас и Аризона, властите наредија ладилци камиони да се користат како капацитет за мртовечница.

Во Тексас беше поставен мрачен рекорд – 174 луѓе починаа од новиот коронавирус за еден ден. Вкупниот број на смртни случаи во јужната американска држава достигна 3.735. Тие пријавиле 10.256 нови инфекции. Бројот на потврдени случаи во Тексас сега е 307.572.

Наспроти ова, САД се поделени околу тоа дали луѓето треба да носат маска на јавни места и да отворат училишта. Државите и окрузите усвојуваат спротивни стратегии, во случај на скок во нови случаи.

Претседателот Доналд Трамп јасно стави до знаење дека не размислува за задолжителна употреба на маска.

– Не, сакам луѓето да имаат одредена слобода и не верувам во (маски), изјави Трамп во интервју што ќе се емитува утре на Фокс њуз.

Повеќе од 1.200 здравствени работници, вклучително и 161 медицинска сестра, починале од корона вирусот во САД.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.