Трета ноќ протести и судири во Белорусија, уапсени координаторите

Безредијата во Белорусија избувнаа во вторникот, трета ноќ по ред, со судири со полицијата која користерше гумени куршуми и шок бомби за да ги растера демонстрантите кои протестираат обвинувајќи го претседателот Александр Лукашенко дека ги лажирал неделните избори.

Во средата утрото во Минск биле приведени, како што наведува новинската агенција БелТА, координаторите на масовните безредија во главниот град Минск. Според кусата информација, еден од приведените изнајмил соба на 17-от кат од хотелот „Белорусија“ и од таму го водел дејствијата на протестите преку тројца свои непосредни соработници, коишто, пак, ги координирале безредијата преку стотина свои истомисленици.

Агенцијата Reuters, повикувајќи се на очевидец, пренесува дека безбедносните сили приведувале и тепале десетици луѓе на улиците. Друг сведок, пак, рекол дека видел како полицајите ги кршеле прозорците на автомобили и преку нив ги извлекувале луѓето. Автомобилите во минување со трубење ги поддржувале демонстрантите кои му порачуваа на Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, да си замине.

Европската унија претходно ја обвини владата во Минск за „непропорционално и неприфатливо насилство“ и објави дека ги преиспитува своите односи со Белорусија.

Состојбата на улиците на белоруската престолнина во вторникот преку денот беше мирна, но странските медиуми јавија дека полициски сили се групираат пред фабрики во Минск, по повикот на социјалните мрежи на генерален штрајк. Граѓаните претходно во вторникот оставаа цвеќе на местото каде што ден претходно во судирите со полицијата загина еден демонстрант.

Претседателот Лукашенко протестите ги спореди со криминални банди и опасни револуционери на кои им помагаат странски фактори. Државните медиуми во вторникот прикажуваа уапсени момчиња за кои во нејасен контекст неведуваат дека се „руски провокатори“.

Забележливо е дека западните медиуми во извештаите спомнуваат постојано дека Белорусија има проблеми со соседна Русија, и покрај тоа што официјален Минск уште во неделата објави дека протестите биле координирани од лица од Велика Британија, Полска и Чешка.

Демонстрантите известуваат дека во земјата тешко се пристапува до интернет, за што Лукашенки исто така ги обвини странските сили кои со тоа сакаат да го поттикнат незадоволството на населението.