Третина Грци никогаш не користеле компјутер

Над една третина од Грците или 34,4 отсто никогаш во животот не користеле компјутер, а 36,3 проценти немале пристап до интернет, покажуваат резултатите од анкетата спроведена од грчките медиуми.

Жените повеќе од мажите не користеле интернет, чиј однос изнесува 40,8 наспроти 35,9 отсто.

Истовремено, бројот на Грците кои редовно користат интернет постојано се зголемува во последните години дури со забрзано темпо, а како резултат на тоа 81 отсто од корисниците изјавиле дека речиси секојдневно се „он-лајн“.

Персоналниот компјутер и натаму останува најпопуларниот начин за пристап до интернет. Со таквото мислење се согласуваат 91,5 отсто од Грците.

Во земјата постојано се зголемува и бројот на луѓе кои купуваат стоки и услуги преку интернет. Деведесет проценти од граѓаните сметаат дека благодарение на интернетот се подобрила комуникацијата со државните институции.

Со анкетата биле опфатени различни групи на луѓе во општеството, емигранти, нискообразовани и невработени, со цел да се прикаже начинот на кој се користи интернетот во Грција.