Третина од тестираните во последните 24 часа во Црна Гора се позитивни на коронавирусот

Директорот на црногорскиот Институт за јавно здравје, Бојан Мугоша

Црногорскиот Институт за јавно здравје објави во неделата дека од 487 тестирани лица на новиот тип коронавирус во последните 24 часа дури 182 биле позитивни, а исто така забележани се уште два смртни случаи како последица од компликации предизвиката од болеста Covid-19.

Во Црна Гора во моментов има 2.085 заразени лица, додека од почетокот на епидемијата на коронавирусот починале 120 луѓе.

Земјата бележи остар скок на бројките на заболени по парламентарните избори кои се одржаа на 30-ти август, кога во пред и постизборниот период беа одржувани масовни политички собири на кои учествуваа повеќе десетици илјади луѓе, и покрај забраната за масовни собирања поради епидемијата.

Директорот на црногорскиот Институт за јавно здравје, Бојан Мугоша, изјави дека епидемиолошката ситуација е многу сериозна, но дека е добро тоа што здравствениот систем во земјата сѐ уште не е преоптоварен, односно дека е „на нивото од петтина од оптовареноста“.

„Меѓутоа, сето тоа може многу брзо да се промени и ситуацијата може многу да се влоши. Нас во моментов нѐ чува тоа што повеќето заболени се млади, помладите од 50 години се 65 отсто, што значи дека доколу се придвижи кон повозрасните, ќе имаме потешки заболувања и поголемо умирање“, изјави Мугоша за јавниот сервис РТЦГ.

Повтори дека „заклучувањето“ на населението, како она пролетоска, е крајното сценарио, но и дека ќе биде неминовно доколу растот на заболените продолжи. Според него, моментално најзагрозен е северот но многу скоро може да биде и загрозен и југот на земајата. Мугоша додаде и дека училишната година ќе започен според предвиденото, на 1-ви октомври.