Трговската размена Косово-Србија забележа пад од 99%

Трговската размена на Србија и Босна и Херцеговина со Косово како и воопшто да не постои, откако забележа пад за неверојатни 99%, по воведувањето на дополнителни даноци за увоз, информира директорот на косовската царина, Бахри Бериша.

На 21 ноември косовските власти усвоија одлука за воведување на 100% данок за увезени производи од Србија и БиХ. Кон крајот на декември раководството во Приштина реши да го зголеми бројот на производи за кои ќе важи одлуката за повисоки даноци, односно да се однесува на сите производи од двете земји, па дури и на оние кои се светски брендови, а се произведуваат во Србија.

Во тој период трговската размена меѓу Приштина и Белград изнесуваше 60 милиони евра, а сега е едвај неколку стотина илјади евра.

Ефектот од воведените мерки е зголемување на домашното производство, дополнува Бериша.

Тој додаде дека на косовскиот пазар најмногу производи биле увезувани од Србија, а потоа од Германија, Турција, Италија, Кина и Албанија.