Три деца пронајдени мртви во Њујорк

Три деца се пронајдени мртви денеска во близина на познатата патека на Кони Ајленд во Бруклин, Њујорк, а полицијата верува дека ги удавила нивната мајка, пренесува АП. Телата на седумгодишно момче, четиригодишно девојче и тримесечно девојче беа пронајдени по речиси тричасовна потрага што започна кога роднина повикала полиција, загрижена дека жената имала намера да повреди нејзините деца.

Мајката била пронајдена 90 минути подоцна, боса и мокра, две милји подолу по патеката од делот Кони Ајленд каде што живеела.

Детективите се обидувале да ја испрашаат жената во локалната полициска станица.

„Таа не кажа ништо досега“, рече шефот на NYPD, Кенет Кори.

Потрагата по децата се интензивирала откако мајката била пронајдена сама. Полицијата испрати хеликоптер и маринци. „Напорите да се оживеат децата во блиската болница не успеаја“, рече Кори. Не е донесена одлука со каква кривична пријава би можела да се соочи.

Телата на децата се пронајдени на само три блока од станбената зграда во која живееле.

Кори рече дека полицајците ја пребарале плажата и пешачката патека, ги пребарале маалските улици и ја провериле локалната болница за деца пред мајката да биде пронајдена на патеката.

Мајката претходно не била пријавена кај властите за злоупотреба или занемарување на своите деца, јави АП и пренесе Танјуг.