Три деца со мали сипаници во тешка состојба- минатата недела 120 нови заболени

Три деца заразени со мали сипаници кои се лекуваат на Клиниката за детски болести се во потешка состојба, а едното е на респиратор. Директорката на Клиниката д-р Катерина Ставриќ, вели дека во моментов имаат петнаесетина деца кои се лекуваат од сипаници, и дека главно се на возраст под една година, објавува СДК.мк.

Меѓу нив имаме и дете на кое пред една и пол година му е трансплантиран црн дроб, а имаме и уште едно кое чека трансплантација. Апелирам до родителите да ги вакцинираат децата, и до возрасните ако не се сигурни во својот вакцинален статус да се вакцинираат, бидејќи ова е високо заразно заболување и на удар се токму овие деца на кои им е компромитиран имунитетот. Колку е поголем бројот на вакцинирани, толку е поголем колективниот имунитет и со тоа се заштитени токму овие најмалите и најранливите, вели д-р Ставриќ.

На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 54 заразени со мали сипаници, а според директорката д-р Милена Стевановиќ сите заразени или се невакцинирани или се без податок за вакцинален статус.

На одделот имаме 26 деца и 28 возрасни. децата се главно под возраст за да бидат вакцинирани, а возрасните или не се вакцинирани или со една доза, или нема податок. Четири одделенија ни се полни со пациенти со морбили, а тука имаме и други пациенти со други болести. Апелирам сите да се вакцинираат, бидејќи нема друга заштита од ова заболување, кое може да остави тешки последици по здравјето, вели д-р Стевановиќ.

Институтот за јавно здравје во петокот најави дека на Комисијата за заразни болести која ќе се оддржи утре ќе се одлучува дали епидемија на мали сипаници ќе се прогласи во цела држава, со оглед на тоа дека последната недела се регистрирани над 120 заболени од морбили, од кои над половината се надвор од Скопје.

Во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле во моментов е хоспитализирано само едно дете со мали сипаници, а директорот на болницата д-р Ангелочо Андоновски вели дека имаат комплетно изолиран оддел и подготвени се доколку е потребно да примат пациенти со мали сипаници.

На другите одделенија има седумдестина пациенти со респираторни заболувања, главно инфлуенца. Одделот за изолација на пациенти ссо морбили ни е во функција и подготвени сме да прифатиме пациенти, вели Андоновски.

Забраната за посета во јавните здравствени установи останува на сила, како и забраната градинките и училиштата да примаат невакцинирани деца.

Целата вест прочитајте ја ТУКА.