Три дечиња изгореле во куќа

Три дечиња попладнево изгореле во пожар што избувнал во нивната куќа, која се наоѓа под ридот Вршник во Велес. Според првичните информации од надлежните, пожарот избувнал околу 15.30 часот, кога родителите биле отсутни од домот.

Настраданите деца биле на возраст од една, две и четири години.

Според информациите на соседите и на пожарникарите кои први пристигнале на местото на трагедијата, трите јагленисани тела на децата биле пронајдени прегрнати, во трошната импровизирана куќа.

Куќата се наоѓа во шума во тешко пристапен терен, отсечена од најблиските објекти до Велес.

Семејството е социјално загрозено, а во објектот во кој живееле две години долго време немало ниту вода ниту електрична енергија.

Според информацијата од СВР Велес, пожарот бил пријавен после 16 часот. На местото на пожарот веднаш излегле противпожарната единица, екипа на СВР Велес и лекарска екипа на Брза помош.

Кога стигнале помошта децата кои биле сами во куќата веќе биле изгорени и за жал немало можност да бидат спасени. Кога избувнал пожарот децата биле сами и заклучени во куќата. Нивните родители ги заклучиле дома и излегле да пазаруваат во продавница,појасни Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

Пожарот го забележале соседите кои се одалечени на околу 100 метри од куќата во која избил пожарот.

Полицијата е на терен и врши увид, по кој ќе бидат познати причините поради кои избувнал пожарот.

При вршење на увидот, јавниот обвинител издаде наредби за обдукција на телата на починатите деца и вршење на идентификација. Ќе се врши проверка на трагите земени од лице место за да се утврдат причините за настанување на пожарот. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес презема дејствија за расчистување на околностите на настанот и за утврдување евентуална кривична одговорност, велат од ОЈО Велес.