Последниот викенд пред претседателските избори во САД, демократката Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп во сабота ќе се обидат да добијат што е можно поголема поддршка од гласачите во Северна Каролина, една од клучните сојузни држави за конечниот исход на изборите.
Ова ќе биде четврти ден по ред како потпретседателката Харис и поранешниот претседател Трамп ја посетуваат истата држава во ист ден, истакнувајќи ја важноста на седумте клучни држави кои најверојатно ќе го одлучат исходот од изборите. Анкетите покажуваат дека ова е најнеизвесната претседателска трка досега.
Можноста за предвремено гласање досега ја искористиле околу 70 милиони Американци, што е помалку отколку во 2020 година, кога се одржаа изборите за време на пандемијата на ковид-19. Сабота е и последниот ден од предвременото гласање во Северна Каролина, каде што досега гласале 1,8 милиони гласачи.
Харис планира собир со рок-ѕвездата Џон Бон Џови во Шарлот, најголемиот град во Северна Каролина, кој носи втор највисок број гласови меѓу сојузните држави заедно со Џорџија – 16 елекроти. Кандидатот кој ќе освои 270 електори, апсолутно мнозинство од 538, станува претседател на САД.
Северна Каролина го поддржа Трамп во 2020 година, но истиот ден избра демократски гувернер.
„Имаме можност на овие избори да ја свртиме страницата и да ја завршиме ерата кога Доналд Трамп го трошеше целото свое време да ги тера Американците да го вперуваат прстот еден кон друг“, рече Харис во петокот во Висконсин.
Трамп ќе одржи собир во сабота напладне по локално време во Гастонија, западно од Шарлот, а потоа вечета ќе се обрати во арената со 22.000 седишта во Гринсборо.
„На овие избори ќе треба да избереме меѓу уште четири години колосална неспособност и неуспех и почетокот на најголемиот четиригодишен период во историјата на нашата земја“, им порача Трамп на приврзаниците во Мичиген.