Три жртви во самоубиствен напад во Авганистан

Во самоубиствен напад во близина на биро на изборната комисија во градот Џалалабад, на истокот од Авганистан, загинале во саботата најмалку три лица, од кои еден е полицаец, потврдија локалните власти.

Пред бирото во моментот на експлозијата биле собрани неколку десетици демонстранти кои дошле да дадат поддршка за парламентарен кандидат за изборите во октомври кој членовите на изборната комисија го дисквалификувале поради наводна поврзаност со нелегалните вооружени групации.

Во нападот за кој одговороноста засега не ја презема ниедна радикална организација, повредени се уште осум лица.

Портпаролот на покраинскиот гувернер изјави дека властите однапред барале од луѓето да не го одржуваат протестот бидејќи би можеле да бидат цел на милитантте, но дека не била послушана нивната молба.

Парламентарните избори во Авганистан се најавени за октомври, а талибаните коишто нема да учествуваат на нив најавија дека ќе го спречат нивното одржување. Последните месеци се зачестени нападите врз канцеларии и други објекти коишто служат за регистрирање на гласачите и како бироа на изборната комисија.

За многу пратеници и лидери е издадена забрана да учествуваат на претстојните избори, поради наводна поврзаност со нелегални вооружени формации.