Трибина „Системски реформи – борба против организираниот криминал“

Во организација на Дeмократски сојуз, денеска, во Скопје, ќе се одржи трибина насловена „Системски реформи – борба против организираниот криминал”, во врска со драфт верзијата на законот за Агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција.

На трибината најавено е учеството на Билјана Ивановска, претседател на Државна комисија за спречување на корупција, професорот на Правен факултет при УКИМ Гордан Кајалџиев, проф. д-р Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл и новинарот Саше Димовски.

– Во изминатите 32 години владејачките гарнитури не изградија јасен политички став и не презедоа ништо за да се изгради ефикасен систем за спречување и искоренување на институционалниот организиран криминал и корупција. Напротив, власта во целина е генератор на криминализацијата на државата, оценуваат од ДС.
Според образложението во Предлог – законот поднесен во Собранието од пратеникот и лидер на ДС Павле Трајанов, со законот се отвора вистинска, а не само вербална војна против организираниот криминал и високата корупција.

-Со овој Закон, надвор од центрите на политичка и партиска моќ, се формира независна Агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, која ќе работи на откривање на кривични дела сторени од носители на јавни функции и други вклучени во организираниот криминал. Една од суштинските цели на Законот е Агенцијата да биде отпорна на дневно-политичките притисоци, бидејќи еден од најголемите проблеми со кои се соочуваа РСМ е партизацијата. А таа, според принципот на сврзани садови, продуцира партократија, која произведува клептократија, коруптократија и клиентелизам. Крајниот резултат е нефункционално, криминализирано и криминогено општество,лабава институционализација и висок степен на волунтаризам на политичките лидери, стои во Предлог законот.

Трајанов во интервју за МИА откри дека вработените кои би требало вкупно да бидат околу 50, ќе имаат посебни областувања. При вработувањето ќе треба да поминат и полиграфско тестирање со што би докажале дека ќе имаат чесни намери во извршувањето на нивната задача. Предлогот е да имаат плата од околу две илјади евра, со кои примања, според Трајанов, ќе се намали можноста за нивна корумпираност и ќе имаат можност професионално да ги извршуваат истражувањата за криминал и корупција. Агенцијата ќе има директор поставен од борд од 15 члена од повеќе области, меѓу кои професори, новинари, обвинител, пратеници…

– Се покажа дека досегашните институции се партизирани. Значи со нив раководат партиски луѓе, тие што ги поставува партијата. Тие не се отпорни, не се имуни на партиските, не се отпорни на бизнис-влијанијата, на коруптивните процеси што се случуваат во државата. И затоа предлагаме независна агенција, каде што директорот ќе го поставува борд од 12 или 15 еминентни, почитувани луѓе со интегритет…, појасни Трајанов.

Агенцијата треба да го открива скриениот имот на носителите на организиран криминал, да иницира постапка (со поднесување на кривични пријави) за кривична одговорност на носителите на јавни функции и други носители на организиран криминал, да предлага конфискација на имот стекнат на криминален начин и забрана на политичко дејствување (лустрација).