Тричковски со два нови гола за АЕК Ларнака, двата од пенал

Екипата на АЕК Ларнака се искачи во топ шест на табелата во кипарското фудбалско првенство што носи разигрување за шампионската титула, но и за излез на меѓународната сцена во наредната сезона.

Најзаслужен за тоа е крилниот напаѓач на македонската репрезентација, Иван Тричковски кој беше двоен стрелец во триумфот над директниот конкурент за плејофот, АЕЛ Лимасол со 3:1.

Тричковски беше стартер за АЕК, првиот погодок од белата точка го реализира во 15. минута, вториот во 54. минута и од игра беше повлечен во 67. минута.

Лидер на табелата во шампионатот на Кипар е Анортозис со 36 бода, четири повеќе од Омонија. Трет е АПОЕЛ со 31 бода, а горниот дел го заокружуваат Аполон со 29, АЕК Ларнака со 25 и Неа Саламис со 23.