Триесет и пет лица на суд за користење дрога во првите два месеца од 2020 година

Поради неовластено производство и пуштање во промет на наркотични средства 35 лица од Тетовско и Гостиварско ќе се соочат со кривична одговорност пред судот, откако полицијата ги открила со дрога во првите два месеца од 2020 година. Од нив 14 се од Тетовско, а 21 од Гостиварско.

-За овие лица СВР Тетово изготви вкупно 26 поднесоци, односно кривични пријави по член 215 од Кривичниот законик за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични средства, психотропни супстанци и прекурсори. Од нив 11 се на тетовското подрачје, а 15 на гостиварско. Најчесто откриени наркотични средства се марихуана и кокаин, а во помали количини хероин, хашиш и амфитамини. Наркотичните средства најмногу се откривани при преглед на возила и лица, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Само во февруари 41 лице биле приведени во редовни контролни активности за откривање дрога на тетовското подрачје. Во Гостиварско поради сомнение дека сториле кривично дело по член 215 вкупно биле лишени од слобода 14 лица, од кои 13 возрасни и еден мaлолетник.