Триесет илјади раселени од Триполи, започнаа воздушни удари

Повеќе од 30.000 лица се раселени поради борбите крај либиската престолнина Триполи, која ноќта кон неделата беше цел на неколку воздушни удари, пренесуваат агенциите.

Светската здравствена организација (СЗО) во неделата на Twitter објави дека во судирите од пред две седмици загинале најмалку 227 а ранети се над 1.125 луѓе.

Неколку воздушни удари и експлозии изминатата ноќ го треселе Триполи, пренесуваат светските новински агенции, чиишто репортери и соговорници јавуваат дека и во текот на неделата се слушаат детонации од разни делови на либиската престолнина, во ескалацијата на офанзивата на силите од истокот на Либија на градот во кој е седиштето на происламската влада која ја поддржува меѓународната заедница.

Репортерот на Reuters и неколку жители рекле дека виделе авион кој кружел повеќе од 10 минути над главниот град доцна ноќта во саботата, и дека имало „зуења“ пред да биде отворен оган врз неколку области од Триполи. Звук на авион се слушал повторно и по полноќ, кога повторно кружел десетина минути пред да се слушне силна детонација.

Не било јасно дали авионот или беспилотно летало се одговорни за нападот, кој предизвикал жесток противвоздушен оган. Населението јавува дека има напади со дронови, но за тоа нема потврда, а експлозиите кои во недалата се слушнале во центарот на Триполи биле посилни отколку претходните денови.

Очевидци, исто така, изброиле неколку ракетни удари, од кои еден очигледно го погодил воениот камп на силите лојални на владата во Триполи во округот Сабаа, на југот од градот каде што се одвиваат најжестоките судири меѓу судрените страни.

Затворен е и единствениот функционален аеродром во Триполи, со што се прекинати врски со градот со околу 2,5 милиони жители. Аеродромот во Мисрата, град на 200 километри источно од Триполи, и натаму е отворен.

Либискатата национална армија (LNA) на маршалот Халифа Хафтар ја започна офанзивата пред две седмици, но нејзиното напредување беше забавено од јужната одбрана на Триполи. Доколку се потврди дека станува збор за напади со дронови, тоа би упатувала на пософистицирано војување. LNA досега главно користеше застарени советски авиони од времето на војската на Моемр ел-Гадафи, кој беше соборен со западната интервенција и домашниот бунт во 2011 година, а нема нити хеликоптери и прецизна огнена моќ, според процени на западни воени извори.