Триесет отсто од децата во Шпанија се на работ од сиромаштијата

Нема противречност меѓу мерките за обезбедување економски раст и стабилност и заштита и грижа на најранливите. Мерките за штедење, кои ја зголемија нееднаквоста кај луѓето, само ќе ги одложат проблемите и во некои области ќе ги направат дури и „поскапи“ за решавање во подоцнежна фаза. Треба да се воспостават канали за социјален дијалог и за учество на граѓаните во донесувањето одлуки за мерките за штедење, вели за македонскиот весник „Дневник“ комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс, во врска со извештајот за кршење на човековите права со мерките за штедење.

„Веќе ги видов ефектите од кризата и од спроведувањето на мерките за штедење во текот на моите посети на Португалија, Естонија, Шпанија, Ирска, Италија и на Грција. Особено се погодени ранливите и загрозените групи, како што се децата, младите, жените, лицата со инвалидитет и Ромите. Невработеноста на младите во Европа достигна рекордни нивоа, а над половина од младите луѓе се официјално невработени во Шпанија, Португалија и во Грција. Kратењето на детските и на семејните додатоци, на здравствената грижа и на образованието зафати милиони семејства, па, на пример, околу 30 отсто од децата во Шпанија се на работ на сиромаштијата, а три од пет семејства во Грција во социјално загрозените области лани се бореле да ги прехранат децата. Се’ поголем број деца го напуштаат училиштето за да се вработат и да им помогнат на семејствата ризикувајќи доживотно да останат недоволно образовани. Од друга страна, со тоа создаваат услови за несигурност во работата и појава на детски труд и на злоупотреба. Европа е соочена со ризик да произведе загубена генерација на разочарани млади луѓе со долгорочни последици по меѓугенерациската солидарност, социјалната кохезија и по политичката стабилност“, одговарајќи на прашањето во кои земји ситуацијата е најлоша.

Целото интервју со Мужениекс може да го прочитате на дневник.мк.