Тригодишно момче во Калифорнија со пиштол ја уби својата едногодишна сестра

Тригодишно момче случајно ја застрелало својата едногодишна сестра со пиштол пронајден во нивниот дом во Сан Диего, соопшти полицијата. Одделот на шерифот на округот Сан Диего во соопштение за печатот наведе дека добиле повик за пукање во дом околу 7:30 часот во понеделникот.

Детето пронашло пиштол и случајно ја застрелало својата едногодишна сестра. Девојчето се здобило со повреда на главата и било пренесено во локална болница, јавува Си-би-ес. „И покрај напорите за спасување, таа беше прогласена за мртва околу 8:30 часот“, соопштија од одделот на шерифот.

Не е познато дали во куќата во моментот на пукањето имало возрасни лица. Инцидентот е под истрага и Лекарската управа ќе изврши обдукција за утврдување на причините за смртта. Одделот на шерифот рече дека во моментов нема закана за заедницата.

„Одделот изразува сочувство до семејството и оние кои се погодени од оваа смрт“, се вели во соопштението.

Овој инцидент е само последен во серијата ненамерни пукања во кои учествуваат деца. Според непрофитната организација Everytown for Gun Safety, огненото оружје е водечка причина за смрт кај децата под 18 години во САД.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.