Трилер натпревар во Серија А – Милан поуспешен

Во фудбалски спектакл каков што Италија долго не видела, Милан ја победи Парма со 5-4 и повторно го запоседна првото место на табелата во Серија А по две одиграни кола.

Милан игра како препороден, а Пипо Инзаги веројатно има некаква способност да го извлече најдоброто од играчите како тренер. Тој успеа да направи еден компактен тим во кој одлично се вклопија и новите засилувања, а особено се истакнува Жереми Менез, фудбалерот кој Милан го доведе без никакво обесштетување. Менез и на дуелот со Парма одигра перфектно, а круна на неговата игра беше голот кој го постигна во 79. минута а кој беше вистинско ремек-дело.

Инаку натпреварот со гол го отвори последната аквизиција на Милан, Бонавентура со гол во 25. минута, а 2 минути подоцна Касано израмни на 1-1. Во 37. минута Милан повторно дојде во водство, а стрелец беше Кеисуке Хонда. Во 45. минута Менез го постави конечниот резултат во првиот дел со гол од пенал. На почетокот на вториот дел, во 51. минута Фелипе постигна гол за Парма и намали на 2-3, а само 7 минути подоцна Милан остана и со играч помалку, откако исклучен беше Даниеле Бонера. Иако во тие моменти се чинеше дека работите тргнаа во прилог на Парма и дека ќе постигне израмнувачки погодок, сепак Де Јонг со гол во 68. минута за момент ги сруши тие надежи. Но, трилер натпреварот продолжи во ист стил, па така најпрво Лукарели со погодок во 73. минута намали на 3-4, за 4 минути подоцна стрелецот на вториот гол за Парма, Фелипе заработи втор жолт картон и мораше да го напушти теренот. Парма и понатаму се обидуваше да стигне до израмнување, но во 79. минута, на несреќа за нашиот Стефан Ристовски, по едно негово погрешно додавање до голманот Миранте, топката ја украде Менез и постигна вистински еврогол. До крајот на средбата, автогол си постигна Де Шиљо по една грешка на голманот Диего Лопез, но тоа беше 9-иот и последен погодок на овој дуел, со што голеадата заврши со триумф на Милан со 4-5.

Со оваа победа Милан покажа дека победата над Лацио воопшто не беше случајна, а со Пипо Инзаги на чело, овој италијански фудбалски гигант го очекуваат навистина подобри времиња.